
Интерпол два месеца не ја објавува меѓународната потерница за Груевски
Експремиерот Никола Груевски останува меѓу најбараните бегалци по кои трага македонското МВР но неговата фотографија ја нема мегу илјадниците профили кои ги бара Интерпол.
Меѓународната потерница со која Груевски се бара како еден од организаторите на 27 април не ја објавува Интерпол повеќе од два месеци, открива шефицата на организиран криминал Вилма Русковска.
Освен за него истиот одговор го добила и за Никола Бошковски кој е еден од
5-мината осомничени организатори и е во постапка за азил во Грција. Русковска не знае зошто овој пат Интерпол го одбил кога претходно немало никаков проблем за Нинџа и за останатите кои првично беа недостапни за 27-ми Април.
Од МВР се уште нема одговор кое било објаснувањето на Интерпол да не ја објавува меѓународната потерница на Груевски кој 6 месеци е во бегство во Унгарија каде експресно доби и азил.
Но слика на Груевски може да се види на саемот на книгата во Скопје, на кориците од неговиот докторскиот труд. Чини 300 денари и предизвикува голем интерес на штандот на издавачката куќа Ѓурга.
Во предговорот на книгата која се однесува на економијата Груевски меѓу другото пишува дека против него се водел политички прогон и монтирани судски процеси.
Но додека тој од Будимпешта издава книга во Скопје предметот за случајот Тенк за единствената правосилна пресуда против него стаса пред Врховниот суд во чии раце е конечната одлука дали ќе ја укине или ќе ја забетонира двегодишната затворска казна за експремиерот.
Специјалната обвинителка не гледа причина овој предмет да падне пред највисокиот суд.
Груевски освен што е осомничен во истрагата за организаторите за 27-ми која е при крај против него се водат 5 судски процеси во предмети на СЈО но е опфатен и со неколку други истраги на Јанева.
Елена Ивановска Мукоска