
Инспекцискиот увид за Ѓавато заглавен во министерските лавиринти
Државниот инспекторат за животна средина ја известил Владата дека министерствата за земјоделство и животна средина не соработуваат за случајот Ѓавато. Двете министерства требало уште пред речиси еден месец да достават документи за хидросистемот Ѓавато, односно документацијата за формирањето на некогашното јавно претпријатие Дојранско Езеро, но досега немаат повратна информација. Инспекторатот требало во министерството за животна средина да го продолжи инспекцискиот увид, но министерството не назначило лице кое треба да е присутно при увидот и поради тоа не може да се изврши. Поради тоа, цел месец не може да заврши увидот во Ѓавато.
Во официјалното соопштение до Телма, од инспекторатот велат дека незаконското управување со водите во хидроисстемот е лоциран токму во министерството за животна средина кој наместо да даде управен акт дозвола за зафаќање вода и да ги пропиште условите, го оставило проблемот нерешен. Од 2012 година нема никаква наплата за користењето на водата и системот е доведен до нерентабилност. Ѓавато во моментов е запуштен и неодржуван и нема заштитна зона, а водата служи за пиење и наводнување , како и за производство на електирчна енергија.
Вработените во Ѓавато реагираа дека водата од хидросистемот ја користи кој како стигне и тоа бесплатно, а за состојбите се информирани и раководителот Јован Попов и надлежното министѕерство, но никој не презема ништо за да се спречи злоупотребата на државните ресурси.
Сузана Мицева