
Инспекторот Илиевски обвинува дека криминалот со дипломите се крие за спас на коалицијата
Криминалот во образованието се прикрива за да се спаси владејачката коалиција, обвини инспекторот кој го откри скандалот со унапредувањата во наставно научни звања на владини функционери, додека работните места им биле во мирување. Се работи за актуелниот министер за образование, Арбр Адеми, кој бил унапреден од асистент во доцент, заменик министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, од доцент во вонреден професор и директорот на Државниот завод во индустриска сопственост, Сафет Емрули, од асистент во доцент и вонреден професор.
Откако случајот излезе во јавност, инспекторот беше даден на дисциплинска комисија и деградиран на пониска позиција, а тврди и дека оттогаш добива закани и е цел на мобинг.
Илиевски откри дека и во 2015-та година открил голем криминал со дипломи, но никој не реагирал.
Денеска за случајот требаше да расправа и Анкетната комисија за заштита на човековите права, но пратениците од ДУИ не дозволија расправа.Бараа да се тргне точката од дневен ред и одолговлекуваа со процедурални забелешки.
Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека секој може да се обрати кај оваа комисија, додека СДСМ го советуваа инспекторот првин да се обрати кај другите институции.
Илиевски се обратил до сите институции и невладини организации во државата, а за случајот се интересирале и од амбасадите. Финансиската полиција побарала реакција од Обвинителството, а се водат случаи и во Антикорупциска и во Уставен суд. Најави дека ќе поднесе и кривични пријави за тие што му вршат мобинг.
Далиборка Дамјанска Цветановска