Инспекторите го следат препишувањето и продажбата на антибиотици, вклучително и антихистмини

Фармацевтските инспектори се постојано на терен и доколку се утврдат било какви прекршувањана, односно несоодветно препишување или продавање на антибиотици, тие се должни да постапат, велат за Телма од Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија (МАЛМЕД).

Од таму наведуваат дека контролата на матичните лекари во однос на препишување на лекови кои паѓаат на товар  на Фондот за здравствено осигурување е надлежност на Фондот за здравствено осигурување на  Република Северна Македонија.

Од МАЛМЕД за спречување на зголеменото купување на антибиотици, меѓу кои и антихистмини и други лекови, наведуваат дека согласно Законот за лекови и медицински средства лековите кои имаат режим на издавање на рецепт “R” вклучително и антибиотиците, се издаваат во аптека исклучиво  врз основа на лекарски рецепт.

„Во случајот за лековите кои содржат активна супстанција azithromycin сите правни лица ПЗУ аптеки кои вршат промет на мало на лекови и медицински средства, може да ги издаваат само врз основа на важечки и уредно пропишан рецепт за лек на товар на Фондот за здравствено осигурување, односно истите не може да се продаваат комерцијално, додека важат вонредните мерки за справување со зараза со коронавирусот ковид-19 или до следно известување“, наведуваат од МАЛМЕД.

Од Агенцијата за контрола на лекови за Телма наведуваат дека до сега се уште не се пропишани казни, но секое прекршување на законските одредби значи прекршок за кој следува глоба и за правното лице и за одговорното лице во правното лице според Законот за лекови и медицински средства.

За информацијата дека од аптеките уште пред една недела се повлечени лековите од групата за антихистмини за автоимуни заболувања, како resochin, chloroquine или hidroxicholoroquine, од МАЛМЕД како регулаторен орган велат дека будно ја следи состојбата со залихи на лекови и во веледрогерии и во аптеки со цел да не дојде до недостиг на лековите.

Од таму информираат дека во моментот сите правни лица кои прометуваат со лекови и медицински средства на големо располагаат со доволни количини на лекови за непречено снабдување на населението.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ