Итна помош го возела Максим Димитриевски без налог, епидемиолошки скрининг без министерски потпис- серија пропусти во кумановското масовно тестирање на кризниот штаб

Серија пропусти во масовното скрининг тестирање за членови на кумановскиот кризен штаб, стои во наодот на Државниот санитарно-здравствен инспекторат кој денеска го презентираше директорката на инспекторатот Бухова. Таа вели дека првото тестирање на 12-ти април било изведено во зградата на општината како скрининг без дозвола од министерот за здравство како што стои во законот. Вината лежи во епидемиолошката служба во Куманово, твдри Бухова.

-Тука имаме регистрирано два прекршоци. Прво е дека брисевите се земани како скрининг без епидемиолошка анкета, што е спротивно на член 27 од Законот за заштита на населението, затоа што не може да се изведе без дозвола од министер. Вториот прекршок што е нотиран е поради земање на брисеви во несоодветен простор, односно во општинската зграда, истакна Иринка Бухова, директор на ДЗСИ.

Нова бура со кумановскиот градоначалник предизвика неговото јавно обраќање дека сам во Скопје бил со амбулатно возило и се тестирал, а тестовите се покажале негативни. Бухова тврди дека и во надозр на таа кумановска операција се најдени многу пропусти, лошо заведено патување на итната помош, излегување од изолација без дозвола од матичен лекар кому пациентите не му се пожалиле дека се влошува состојбата, итен упат за инфективна клиника во Скопје, а градоначалникот Максим Димитриевски и регионалниот шеф на ЦУК Горан Стојановски воопшто не отишле таму туку биле во три лаборатории во Скопје да се тестираат.

За двајцата пациенти (Димитриевски и Стојановски, за кого не е наведено презимето во документите во кумановските здравствени институции) бидејќи излегле без дозвола законот за заштита на населението од заразни болести предвидува казна од 300 до 600-тини евра.

-Во инфективното одделение на кумановската болница е утврдено дека за двете лица се креирани упати, односно се креиран упати за рентген и за лабораториски анализи. За едното лице има наод за продолжување на веќе препишана терапија и е препорачано домашно лекување. За второто лице е препорачано дека нема потреба од терапија, но е препорачано домашно лекување. Следејќи ја сатницата за издадено решение од лабораторија во Систина и за времето кога е креиран упат како итен случај во кумановското инфективно одделение има соодветни несогласувања. Затоа ќе се изготви решение за непочитување на претходно решение за самоизолација, потенцира Бухова.

Од инспекторатот за разлика од градоначалникот на Куманово тврдат дека неговите нови резултати од приватните тестирања покажуваат антитела.

-Генерално, присуството на ИГМ антитела ја потврдува тезата, фактот дека определено лице имал близок контакт со вирусот во непосредно кратко време претходно, вели Бухова која потврди дека приватните ПЦР тестирања на двајцата кумановски членови на кризниот штаб се негативни, но е позитивен тестот на ИГМ антитела. Димитриевски и Стојановски се уште се активни пациенти се додека двапати не бидат негативни на тестови за ПЦР изведени преку Институтот за јавно здравје, објасни директорката на ДСЗИ.

Никој од надлежните, ниту инспекторатот ниту министерот Филипче кој е во самоизолација не одговорија зошто владиниот тим отиде во Куманово без да знае дека се чекаат резултати од тестирање на кризниот штаб и дали има прекршување на безбедносните протоколи за заштита на премиерот на државата.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ