
Иницијативата О2 бара пратениците да го забранат увозот на отпад што се согорува
Главниот корисник на увезен отпад кој се согорува е цементара Усје, но тука е и Фени, како големи индустрии кои легално го користат.
При согорување на отпад се ослободуваат канцерогени, мутагени, токсични диоксини, фурани, PCBs, хлороводороди, тешки метали како жива, кадмиум, талиум, олово, арсен, хром… Научните истражувања потврдуваат дека луѓето кои живеат во близина на места каде се согорува отпад имаат зголемена смртност од канцер, посочува О2 во своето соопштение.
Според иницијативата, Усје од континуирани мерења со автоматски мониторинг систем на 11 испустни места дава податоци за јавност од само две мерни места и тоа среднодневни вредности, кои не може да се проверат реално онлајн.
Усје има обврска да врши мерења на одредено место на надворешниот воздух, но и тие податоци не ги објавува. Кога би се објавиле сите податоци и во реално време онлајн би оделе мерењата од 11те автоматски станици, би се видело дали, колку и кога има зголемени испуштања на загадувачки супстанции во воздухот. Усје како гориво користи фосилни горива (јаглен, нафтени шкрилци, лигнит, петрол кокс, антрацит, мазут, гас), но и „алтернативни горива“, односно отпад. Според дозволата може да користи отпад од разни индустрии, како текстилната, искористени возила, разен отпад, запалив отпад, пластика, пакувања, мил од миење и чистење, дрвен отпад, отпад од преработка на дрво и производство на панели и мебел, отпад од преработка и производство на хартија, пулпа, механички обработен отпад, итн. Дозволено ѝ е да гори 25.000-35.000 тони отпад годишно како „алтернативно гориво“, 25-35% од вкупната количина на гориво, тврдат од О2.
Според инцијативата, Усје има обврска да ги мери параметрите на загадувањето еднаш до два пати годишно, посочувајќи дека научно е утврдено дека овој метод воопшто не ја дава точната слика за количината на ослободени диоксини и фурани и на тешки метали. О2 смета дека е неопходен автоматски континуиран мониторинг за да се види реалната слика.
Од сиве наведени причини, каде нашето здравје мора да биде пред сè, апелираме до пратениците кои се нашиот глас, гласот на народот во Собрание да ја изгласаата предлог-измената на Законот за управување со отпад со кој ќе се забрани увозот на отпад кој се согорува во нашата земја, заклучува иницијативата О2 во своето соопштение.