
Иницијативата „Мал Шенген“ продолжува во Охрид
Уште еден чекор од иницијативата „Мал Шенген“, а голем исчекор во унапредувањето на соработката меѓу земјите од Западен Балкан.
Викендов, Охрид е домаќин на трилатерална работна средба на лидерите на Македонија, Србија и Албанија.
На претседателот Александар Вучиќ и премиерите Зоран Заев и Еди Рама ќе им се придружат и претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ и министерката за економија на Црна Гора, Драгица Секулиќ.
По средбата, ќе има и пленарна сесија со Европската банка за обнова и развој, Регионалниот совет за соработка, Светската банка, Европската комисија и други меѓународни институции.
Со поддршка на Европската унија, ова ќе биде втора средба на Заев, Рама и Вучиќ. Пред точно еден месец во Нови Сад усвоија Декларација за слободен проток на стоки, капитал, услуги и луѓе.
Порачаа дека Балканот веќе не е „буре барут“ туку регион на мир, стабилност и економски развој, дека креираат пазар за 20 милиони луѓе, дека ќе се отстранат бариерите и ќе се скрати времето од 26 милиони часови што се губи на граничните премини.
Ги повикаа и другите земји од Западен Балкан да им се придружат.
„Мал Шенген“ е иницијатива што ветува, изјави вчера во Женева специјалниот претставник на САД за Балканот, Метју Палмер.
Ја смета за демонстрација како лидерите преземаат одговорност за својата судбина и контрола врз својата иднина.
Палмер потенцира дека структурата на иницијативата е отворена и дека во неа има место и за Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина.
Соња Николовска