
Името влегува во финале
По најавата на новата средба Димитров – Коѕијас на 12 април во Охрид и оптимистичките изјави на премиерот Зоран Заев, се оценува дека спорот за името влегува во завршница.
Премиерот Заев, во неделното интервју за МИА истакна дека верува оти преговорите се во вистинска насока и дека тој процес се доближува до моментот кога треба да следува средба помеѓу него и Ципрас.
Тој го повтори ставот дека за него, црвени линии во преговорите се зачувување на достоинството и идентитетот, односно решение кое е достоинствено за двете страни.
Заев е дециден дека во преговорите за името, нема да има дипломатски булдожери меѓу Македонија и Грција, и дека за такво решение вреди да се жртвува и политичката кариера.
По средбата Димитров-Коѕијас во Охрид извесна е нова средба на државно – политичкиот врв за името. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски очекува таа да се одржи претстојниот викенд.
Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас во интервју викендов за германскиот весник „Шпигел“ изјави дека разликите со Скопје можат да се решат со смелост.
„Разликите со Скопје се проблеми со историски карактер, со идентитет, со наследство и култура. Овие прашања се чувствителни. Но, можат да се решат со смелост“, рече Коѕијас.