Името „Северна Македонија“ стапува на сила за 15-тина дена

Македонија ќе стане Република Северна Македонија за околу две недели, кога според процедурата треба да стапи на сила Договорот од Преспа. По вчерашното изгласување во грчкиот парламент, прв кој ја потпиша неговата ратификација беше грчкиот заменик министер за надворешни Катругалос –Нова ера во нашите односи со нашите соседи, напиша Катругалос на неговиот официјален Твитер профил.

Според процедурата, сега се чека потпис од грчкиот претседател и тој според најавите в понеделник ќе биде објавен во Службен весник, со што станува официјален закон. Потоа, Грција ќе го извести Генералниот секретаријат на НАТО дека Договорот од Преспа е ратификуван од грчкиот Парламент Министерот Димитров на кратко објасни што следува по тоа.

Протоколот за пристапување во НАТО треба да го ратификува и грчкиот Парламент, и потоа Грција ќе испрати вербална нота до Македонија со која ќе ја информира за ратификацијата на Договорот, а потоа и Македонија испраќа нота со која известува дека Договорот стапува на сила. Потоа, Македонија со писмо ќе ги извести ОН и меѓународните организации дека земјата сега се вика Република Северна Македонија. Додека трае ратификацијата во парламентите на 29-те членки, Македонија ќе учествува во процесите во Алијансата, ќе добие столче, но без право на глас. Веднаш по влегувањето во сила на Договорот и двете земји ќе го подигнат нивото на Канцелариите за врски во Скопје и Атина во амбасади.

Со Договорот од Преспа се решава тридеценискиот спор што Грција го имаше со името на Македонија. Беше потпишан на 17-ти јуни минатата година. Постигнувањето на истиот не беше лесно, рече премиерот Заев. Но беше нужен влог за децата и граѓаните да живеат подобро. Тој е победа за сите, вели тој на ден по неговата ратификација во грчкиот парламент.

  • Од денеска тргнуваме со уште поголема сила да ги зближуваме граѓаните и народите на двете земји. Иднината нема веќе да ја гледаме како фатална судбина, туку како заеднички пат поплочен со пријателски намери и вредности кои произлегуваат од заедничкото европско смејство, порача денеска Заев. 

 Грчките медиуми, денеска со анализи што потоа? Согласни дека колку и да го подели општеството, овој договор Грција ќе мора да го почитува, без оглед кој е на власт. Таа мора да даде се од себе за да има добар сосед. Но не само на политичко и дипломатско ниво, туку целото општество.

 

Алиса Шутиноска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ