
Името на нов воен претставник во НАТО ќе се знае во наредните денови
Во наредните неколку дена ќе се знае кој ќе биде воен претставник на Македонија во НАТО, откако денеска министерката за одбрана Шекеринска за тоа ќе разговара со претседателот Пендаровски. Шекеринска се надева дека указот за оваа позиција претседателот ќе ја потпише до самитот на НАТО во Лондон кој е идната недела.
„Уште во текот на денешниот ден ќе разговараме со претседателот за предлози кои јас ги имам и што тој ги има и очекувам ова да се реши во наредните денови“, рече Радмила Шекеринска, министер за одбрана.
За воен претставник бил распишан интерен конкурс за пројавување интерес и како што рече Шекеринска веќе имаат список на кандидати кои ги исполнуваат условите.
Освен позицијата воен претставник во НАТО упразнета е и позицијата амбасадор. Неофицијално Дане Талески треба да биде идниот амбасадор таму, но процедурата за именување на нови амбасадори е заглавена веќе неколку месеци. Дополнително откако беа договорени предвремените избори претседателот изјави дека принципиелно нема да именува амбасадори во период на техничка влада, иако за испраќање амбасадор во НАТО роковите се пократки што го потврди и самиот Пендаровски.
„За меѓународните организации на пример за НАТО или Советот на Европа вие не поминувате низ процес на барање агреман, кој трае три или кусур месеци, зависно од државата, вие само ги известувате дека од утре наш амбасадор е тој и тој“, изјави Стево Пендаровски, претседател на РСМ, (Топ Тема 14.11.2019)
Сепак Македонија во Лондон ќе оди со в.д. амбасадор, што го потврди денеска Шекеринска.
Министерката за одбрана која денеска го презентираше предлог-буџетот за обраната за идната година во висина од 10,1 милијарда денари, рече дека тое е буџет на земја членка на НАТО. Тој е за 22 проценти повисок од лани. 20 проценти од него се наменети за опремување и модернизација на Армијата со инженерски машини, борбени возила и комуникациска и сајбер опрема. За капитални расходи во кои спаѓаат трошоците за интеграција во НАТО, но и изградба и реконструкција на објекти наменети се 2,1 милијарда денари од буџетот. Шекеринска рече дека Армијата во НАТО ќе влезе и со покачени плати, но и со нови униформи кои очекува да бидат готови за 2-3 месеци.
Тамара Грнчароска