
Имаме економски слободи, но корупцијата и сивата економија уште не „јадат“
Иако се најде на 33 место во светот и прва во регионот според економските слободи, земјава и натаму доживува критики од Фондацијата Херитиџ, особено за широко раширената корупција и високата сива економија, а загриженост постои и поради политичките случувања. Вкупниот резултат ни е намален за 0,2 поени, и притоа се паднати трговската, монетарната и деловната слобода, а полоша оценка имаат и владините трошења. Се подобриле фискалното здравје, слободата на трудот и судската ефикасност.
Според Херитиџ, земјава ја одржува макроекономската стабилност, но нејзината внатрешна политичка криза ги отежнала економските перформанси. Велат дека преку широката сива економија земјава губи дури 20 до 45 отсто од приходите од БДП, а фискалната политика претходно била слаба, со непродуктивни јавни расходи.
Потребни се структурни реформи за решавање на владината корупција и надуената бирократија. Правната рамка е здрава, но извршувањето е бавно и слабо. Генерално, напорите за спроведување на законот се слаби и насочени премногу често кон критичарите на владата, поткопувајќи ја довербата на јавноста во подготвеноста да се гонат корумпираните службеници. Владата воведе некои антикорупциски мерки, но политичкото мешање, неефикасност и непотизам, продолжените процеси и корупцијата се широко распространети, се вели во извештајот на Фондацијата Херитиџ.
Премиерот Заев, пак, смета дека извештајот е позитивен. За критиките вели дека токму владините мерки треба да ја намалат корупцијата и сивата економија, а такви се повратот на ДДВ, но и мерката која треба да ја демотивира исплатата на плати во кеш. За него, оценките на Херитиџ за сивата економија до 45 отсто се престроги, смета дека таа опфаќа до 30 проценти.
Голем дел од политиките во делот на економијата и владеење на правото се за отстранување на сивата економија, на нелегалните пари, кои поткупуваат и рекетираат во општеството. Сите овие мерки што ги развиваме како Влада се буквално борба против сивата економија, која според нашите проценки е меѓу 20 и 30 отсто, што е многу. Така што земја која има аспирации да биде европска, мора сериозно да се бори не само затоа што буџетот губи, туку затоа што губат и граѓаните, односно сите кои се на легалниот пазар, вели Заев.
Според индексот, нашиот резултат е 71,1, а мери четири критериуми, владеење на правото, јавното трошење, регулаторна ефикасност и отвореност на пазарот. Зад земјава е Бугарија која е 37, Косово е 51, Србија 69, Хрватска 86, но и другите држави од регионот, а Грција е дури на 106 позиција. Најдобар за економски слободи е Хонгконг, а најлоша е Северна Кореја.
Нина Нинеска-Фиданоска