
Заев оптимист дека може да се донесе законот за обвинителство
Новиот закон за обвинителство е во трка со времето.
Од власта велат дека има време и парламентарна поддршка да биде донесен пред распуштањето на Парламентот, а опозицијата не отстапува од барањето законот да биде изработен од експерти.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев уверува дека со тридневна расправа што би почнала во понеделник во Собранието, Законот може да биде донесен.
Тој лично работел на обезбедувањето поддршка и уверен е дека може да има и повеќе од 80 гласа без ВМРО-ДПМНЕ.
За опозицијата, распуштањето на Собранието на 12-ти февруари е затворено прашање.
Не отстапуваат од идејата законот да го напишат експерти, без оглед дали гласањето ќе биде од овој или од наредниот парламентарен состав.
За ВМРО-ДПМНЕ, скандалозно е пазарењето на отворена сцена за двотретинска поддршка на законот.
За текстот на Законот се разговараше во работни групи повеќе од една година. Последен камен на сопнување се предметите на СЈО и нивното преземање од Јавното обвинителство, како и постапката за избор на првиот човек на Обвинителството.
Соња Николовска