
Има ли родова дискриминација во учебниците по социологија?
Како жената да не прави кривични дела? Одговор можат да најдат учениците од втора година во гимназија, во учебникот по социологија.
Но, неговата содржина ја разбранува јавноста на социјалните мрежи, бидејќи во него пишува дека „жена која е затворена дома и не комуницира со средината, нема можност за криминална активност“. Остра реакција на тоа има од активистите за родова еднаквост. Тие оценуваат дека со учебници како овој, кај средношколците се промовираат вредности од некое минато време.
Наспроти ова, во одбрана на својот учебник застана Нелко Стојановски кој заедно со уште двајца ко-автори, пред околу осумнаесет години го напишал четивото. За него нема ништо спорно ниту дискриминирачко во книгата. Содржината е базирана на факти и бројки за стапката на криминал, од историските книги.
На прашањето дали ако повторно пишува учебник би го напишал на ист начин – Стојановски одговори дека пак би го базирал на фактите како и претходно. Таквиот пристап е погрешен сметаат граѓанските активисти и според нив учебникот по социологија како и речиси сите други учебници во основно и во средно образование заслужуваат ревизија и содржина достојна за новото време.
Телма испрати прашања и до Министерството за образование и наука да одговорат кој ја рецензирал содржината и дали не е пронајдено ништо спорно во неа. Одговор се уште не добивме.
Петар Догов