
Има ли криминалци во Агенција за национална безбедност?
Долгодишен вработен во УБК не можел да замине во новата агенција за национална безбедност затоа што од лични причини неговиот трансфер го сопрел член на комисијата за селекција. Ова е еден од примерите кои Телма ги дозна за вработувањата во АНБ.
Вчера весникот Коха објави дека началникот на оддел на Агенцијата во Прилеп првин бил избран па потоа отпочнал процес за негова селекција да биде вработен, а покрај тоа истиот агент имал и 5 кривични пријави. Никој од официјалните лица не сакаше да коментира.
Телма контактираше со повеќе членови на комисијата за селекција која требаше да одлучи кои вработени на поранешната УБК ги исполнуваат условите да станат вработени во новата реформирана агенција за национална безбедност.
Сите ни кажаа дека својот став за вработувањата ќе кажат многу скоро, до крајот на неделата бидејќи ги подготвуваат информациите. Немаше коментар од нивна страна ниту дали има вработени со двојни државјанства, што е спротивно на законот, дали има партиско-политички остатоци и во новата агенција и дали меѓу вработените има и агенти кои порано учествувале во контроверзни случаи како истрагата за бомбата кај Сопот.
Во комсиијата за селекција, прв човек е директорот на Агенцијата Виктор Димовски, додека статус на набљудувачи имаат пратениците Јован Митревски од СДСМ и Трајче Димков од ВМРО-ДПМНЕ.
Комисијата требаше да избере кои луѓе ќе заминат во новата Агенција до 20-ти август, но тоа не заврши до тој момент и според нашите информации селекцијата уште се прави.
Агенцијата почна да функционира на први септември и тогаш на прес конеферанција директорот Димовски тврдеше дека е завршена селекцијата. Агенцијата е формирана во склоп на реформските процеси и главната идеја е да нема злоупотреби во партиско-политички цели како во минатото и да работи на прашања од безбедноста согласно Уставот и законите. Агенцијата е во ингеренции на владата и премиерот, треба да биде независна и да се иссели од кругот на МВР- односно по сите градежни зафати ќе се пресели во Македонија Табак.
Миомир Серафиновиќ