Има ли амнестија по мерка на сите партии?

Владата не прифаќа да ги амнестира сите учесници во настаните од 27-ми април, а ВМРО ДПМНЕ не прифаќа селективна правда. Прифатлива средина за двете страни би можел да донесе новиот предлог што го подготвува Телото за помирување.

Вчера Владата даде негативно мислење за Предлог законот за амнестија предложен од ВМРО ДПМНЕ, кој в понеделник е на собраниска седница. Министерката Дескоска објаснува дека наместо да се наведува кој се ќе биде опфатен со амнестијата, може да се размислува кои дела нема да бидат опфатени со неа.

За ВМРО ДПМНЕ, ова е смислено сценарио со кое продолжува агонијата на обвинетите. За партијата, неприфатливо е спроведување селективна правда. Оставаат можност низ дебата да се договори амандманско дополнување на нивниот предлог или можеби поддршка на предлогот од Телото за помирување.

Телото за помирување ќе се состане најверојатно во петок. Се чека враќањето на копретседателката Фросина Ременски од Кабул и утрешната прослава на Денот на албанската азбука.  Текстот на законот би требало да биде во рамки на најавите дека не може да им биде простено на оние што директно вршеле насилство и на оние што командувале со насилните дејствија. Од Независната група на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата, која е иницијатор за формирање на Групата за помирување, велат дека ќе прават проценка дали последните случувања му штетат на процесот и ги обесхрабруваат опозициските пратеници, а потоа може да побараат и средба со премиерот Заев. Сепак се уверени дека Законот за помирување ќе биде подготвен многу брзо и дека пратениците ќе го донесат до средината на декември.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ