Има еден осомничен за силување на 13-годишното девојче- се анализира неговиот ДНК профил

Обвинителството има еден осомничен за силување на 13-годишната штитеничка од Домот 25-ти мај, потврдија за Телма извори од истрагата. Од осомничениот е земен примерок за ДНК анализа која е отпочната вчера.

Истрагата бара ДНК профилот на осомничениот да биде спореден со ДНК профил на непознат маж кој е откриен при медицински преглед на девојчето лани во ноември . Тогаш малолетната жртва била најдена полугола и боса во бесознание на улица во Велес. При медицинските прегледи било утврдено дека девојчето веќе преживеало силување, а најден е примерок со која е утврден ДНК профилот на мажот кој ја злоупотребил.

Сите тие податоци биле доставени до велешкото обвинителство кое работело на случајот, но истрагата ја презеде обвинителството за организиран криминал откако скандалот со малтретирањето и државната негрижа на девојчето беше објавен од ромска невладина организација од Будимпешта.

13-годишното девојче било бремено од злоставувањето, а минатата среда и е извршен абортус. Покрај ова ДНК анализа, форензичарите и судска медицина се обидуваат да направат и ДНК профили од материјали од абортусот, преку кои може да се утврди ДНК на таткото, но и на други можни напаѓачи на малолетната штитетничка.

Додека науката преку ДНК се обидува да ги открие педофилите, Министерството за труд и социјална политика вчера поднесе кривични пријави против 11 старатели и социјални работници од скопскиот центар кои требало да се грижат за девојчето во периодот кога се извршени серија злоставувања и силувања врз неа.

Министерството ги товари своите вработени за делата запуштање на малолетни деца и за несовесно работење во службата.

Случајот бил познат и во обвинителството и во центарот за социјални работи, но сите докази и сомнежи биле оставени настрана без да се заврши истрагата и да се прекине злоставувањето на девојчето.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ