
Илјадници жители на Нов Зеланд им оддадоа почит на жртвите на терористичкиот напад
Во ден без преседан во историјата на Нов Зеланд, десетици илјади жители на оваа држава, се собраа денеска пред џамиите во повеќе населени места, каде присуствуваа на петочната молитва во знак на солидарност и поддршка на луѓето кои ги загубија најблиските во страотниот терористички напад пред една недела, во кој беа убиени 50 лица.
Премиерката Џасинда Ардерн и голем број граѓани на Нов Зеланд се собраа во паркот Хегли, спроти џамијата Ал Нуур во местото Крајстчрч, каде брутално беа убиени повеќе од 40 муслимани.
“Кога еден дел од телото е повреден, целото тело ја чувствува болката. Нов Зеланд тагува со вас. Ние сме едно” – изјави Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн.
Молитвата беше проследена и со две минутно молчење, додека целиот настан беше директно пренесуван на радио и телевизија.
Имамот на џамијата Ал Нуур, Гамал Фуда, им се заблагодари на жителите на Нов Зеланд за нивната поддршка.
“Терористот сакаше да ја уништи нашата нација со злото на неговата идеологија која сака да го униши и целиот свет, но наместо тоа ние покажавме дека Нов Зеланд е нескршлив и светот можеше да види кај нас пример на љубов и единство.” – порача имамот Фуда.
Во знак на солидарност со своите сограѓани муслимани, голем број од присутните жени своите глави ги покрија со марами и зборуваа за единство, љубов и помош наспроти омразата, бесот и смртта кои ги предизвика терористичкиот напад.
“Ова е само одраз дека ние се обединуваме како заедница, не само муслиманската заедница, целиот Нов Зеланд – да ги поддржиме нашите браќа и сестри Муслимани. Беше навистина многу емотивно” – изјави една граѓанка на Нов Зеланд.
“Сите сме обединети. Не е важно каква боја или вера сте. Знаете, сите се обединуваме, тоа е фантастично” –порача друга граѓанка.
Комеморациите за жртвите следуваат еден ден откако владата објави забрана за продавање на полуавтоматско и автоматско огнено оружје, какво што беше користено во нападите од минатиот петок.
Никола Илиевски