Идните медицинари протестираа против приемни испити – па седнаа да полагаат

Списоците од уписите утрово стоеја истакнати на вратите на средното Медицинско училиште. Пред вратите – сликата беше ваква. Метеж во дворот, предизвикан од идните средношколци и нивните родители. Се борат за секое слободно место во паралелките, па ги занемарија протоколите во време на пандемија. Дел од нив беа без маски, ниту пак имаше дистанцирање во училишниот двор.

Штрајкуваа неколку часа, обидувајќи се да спречат полагање на приемни испити и побараа да се формира нова паралелка. За смерот на медицински сестри на албански јазик имало пријавени 63 деца повеќе од слободниот капацитет од 102 места. Присутните не беа расположени да коментираат пред камера, но имаа дилеми дали испит воопшто ќе се одржи.

Иако испитот доцнеше неколку часа, тој сепак се одржа, потврди директорката на „Панче Караѓозов“, Маја Салиу. Испрати соопштение во кое објасни дека училиштата каде што има повеќе пријавени ученици отколку што има слободни места – мора да направат селекција преку тестирање. Организатори се Министерството и Бирото за развој на образвоанието, а не училиштето.

„Тестовите ги изработува Бирото за развој на образованието, а се состојат од материјалот кој учениците веќе го совладале во основното образование за што веќе се оценети со одлични оценки. И покрај негодувањата на одредена група родители, со мало задоцнување тестирањето започна“ е ставот на Маја Салиу, директор на СМУГС „Д-р. Панче Караѓозов“

По неколкучасовните протести, учениците се префрлија од дворот – во училниците. Протоколот е познат – дистанца и задолжителна дезинфекција. Идните средношколци ги чекаат два теста, по биологија и хемија, со по 15 прашања од предмет.

Во „Панче Караѓозов“ списоците со резултати и имиња на ученици кои успешно го завршиле тестирањето ќе бидат објавени во текот на денот.

Петар Догов

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ