
Идната недела „метлата“ ќе фати повеќе од 20 директори
Ниту можните кандидати за смена, ниту оние што се споменуваат како главни адути за нивни наследници, не можат со сигурност да кажат што ќе се случи во вторник, идната недела, кога Владата на седница треба конечно да пресече кои директори во државните институции и акционерски друштва ќе бидат зафатени од вториот бран на метлата. Велат, ги слушнале нивните имиња во шпекулациите, но конечниот збор ќе го има премиерот Заев. Тој, пак, денеска најави дека идната недела сигурно ќе има промена на над 20 директорски места на централно ниво, а потоа ќе следуваат и 30 смени кај подрачните единици.
„Идната седмица мислам дека ќе завршиме со директорските места на централно ниво, остануваат замениците министри и остануваат директорските места во подрачните единици, и тука завршува самата реконструкција. Се работи за повеќе од 20 директорски места на централно ниво и веројатно повеќе од 30-тина на локално ниво, кај подрачните единици, замениците, дел од тие места се веќе испразнети, непополнети, кои секако ќе завршат во јули. Значи идната недела ќе одиме со следниот чекор“, вели Зоран Заев, премиер на Македонија.
Зошто се задоцни со долгоочекуваното прочистување, неодамна рече дека морало уште еднаш да се разговара со потенцијалните кандидати, да се разгледа колку ги исполнуваат условите, но и дали се нафаќаат на таа одговорна позиција.
Во медиумите веќе проструија имиња, се споменува дека Драган Миновски од ЕЛЕМ ќе бил наследен од Васко Ковачевски, сегашен прв човек на РЕК Битола. Но, како што дознаваме, на Миновски досега никој ништо не му споменал, ниту, пак, како што имаше шпекулации, тој сам сакал да си замине. Ковачевски, пак, го слушнал своето име како можен кандидат, но сите велат, ништо не е сигурно. И Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации, е дециден дека никој не разговарал со него дека ќе си замине од местото.
Во меѓувреме, велат извори, во државните институции, чекајќи ја метлата, тешко дека некој нешто суштински работи, особено се стравува од битни потписи. Сомнежи има дека партиските пазарења пак ќе надвладеат над стручноста и сопсонбоста. Од ДУИ тврдат дека нема никаква кавга меѓу коалиционите партнери.
„Нема ништо ново, заеднички размислуваме, заеднички ќе одлучуваме“, вели Артан Груби, ДУИ.
Зошто се развлече процесот, експертите се сомневаат во повеќе причини.
„Можно е да е од административни прочини, поради комплицирани процедури, а можно е и Заев да нема доволно понуда на нови свежи кадри, а можни се и политички пазарења во распределбата на нови места, а точно е дека во меѓупериодот во кој старите директори се плашат за своите фотељи, а новите уште не се поставени, се прави штета имплементациска, и тој период треба да биде покус“, вели Петар Арсовски, комуниколог.
Не треба, вели, да имаме преголеми очекувања дека сега ќе дојдат компетентни кадри.
„Тешко е да очекуваме, бидејќи во политиката не доаѓаат најдобрите кадри, тие се во реалниот сектор каде и платите се повисоки, а воп политиката, каде има одговорност и дали ќе се обоите, не доаѓаат врвни кадри освен во некои министерства, така да треба да се ограничиме
Реконструкцијата беше најавена по лошите резултати од првиот круг на изборите за претседател, но силно најавувана, засега не ги даде очекуваните освежувања.
Нина Нинеска-Фиданоска