И заедничка влада и предвремени избори и амнестија биле на масата на лидерските средби- откриваат Заев и Мицкоски

Лидерските средби одамна завршија, но темите за кои било преговарано излегоа во јавноста директно од лидерите учесници. Заев прво го обвини Мицкоски дека му понудил учество во влада за да се истурка реферндумот и ветил предвремени избори доколку 300 илјади граѓани се изјаснат против на референдумот.

Премиерот тврди дека на Мицкоски му било само до амнестија.

-Понудата беше за да го подржат референдумот, тие се изјаснија против бојкот, а сега дали во заднина и тајно ќе работат на бојкот, ќе видиме. Мандатот ми е до 2020 да бидам премиер, но подготвен сум да го споделам својот мандат со ВМРО-ДПМНЕ, да го одработиме референдумот. Но го одбија тоа. Им испратив покана да влезат во Владат додека не станеме полноправна членка на НАТО, до крајот на 2019, почетокот на 2020 година кога ќе почнат и преговорите со ЕУ. Но, готово е тоа сега, Го одбија предлогот. Беше речено дека само амнестија е интересот, изјави Заев во интервју за 1тв.

Лидерот на опозицијата денеска преку социјалните мрежи возврати, продолжуваат да лажат, па измислуваат некакви барања за амнестии кои треба да го покријат очајот, напиша Мицкоски на својот фејсбук профил од каде порача дека мандатот го дава народот, а не поединци.

-Разните неформални понуди, кулоарски муабети, ноншалатни математички пресметки за учество во влада која треба да го донесе и реализира договорот со Грција го сметам за непристоен предлог, надвор од моите морални принципи. Суштината е дека учеството или неучеството во таква една влада нема да го направи договорот, кој некој друг го договараше и преговараше подобар или помалку штетен за Македонија и нејзините граѓани, но пак таквата понуда е сигурен доказ дека тие кои што стојат зад него се свесни дека тоа народот не го одобрува и преставува капитулантско дело за кое сега им е потребно алиби, соопшти Мицкоски.

На лидерските средби не беше Иванов, но тој потоа во претседателскиот говор на Мечкин Камен, поздравен со националистичко и шовинистичко скандирање, децидно повтори дека нема да го подржи договорот со Грција бидејќи го смета за правно самоубиство на македонскиот народ.

Заев во вчерашното интервју за 1тв сведочеше дека со Иванов се сретнале два дена пред Илинден и дека имале нормален разговор спротивен од говорот во Крушево.

Премиерот истакна и дека дел од напаѓачите на владината делегација во Крушево учествувале и во 27-априлските инциденти во Собранието. Од МВР засега нема детали за поднесени кривични пријави, велат дека повеќе од десетина учесници во инцидентите се повикани на разговор и дека на Мечкин Камен имало полицајци согласно безбедносните проценки.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ