И во Собранието и во кабинетот на Иванов ќе мора да го сменат однесувањето со доверливи документи по пропустот со Милошоски

Покрај за претседателот, и за собранието ќе има препораки и корективни мерки за заштита на класифицираните информации. Извештајот за грешките и пропустите во кабинетот на Иванов и во собраниските служби ќе биде готов во понеделник и во него дирекцијата за безбедност на класифицирани информации ќе им препорача како да не ја повторат грешката со доставување на строго доверливи информации на лице кое нема безбедносен сертификат, во случајот пратеникот Антонио Милошоски. Потоа дирекцијата ќе отиде на терен и на Водно и во Праламентот да провери дали пропустите се отсранети.

Од кабинетот на Иванов ги дале документите без да проверат дали Милошоски има сертификат или не, а исто така курирот му ги дал директно на рака на пратеникот иако требало строго доверливите извештаи да ги достави до собраниска архива каде треба да се заведат во посебна деловодна книга, да се чуваат под посебен безбедносен режим. Од кабинетот на Иванов не ни одговорија дали се вистинити информациите дека одлучиле да го казнат само курирот кој не го легитимирал пратеникот Милошоски.

Така беше објавено во средата, но од кабинетот не објаснуваат кој направил пропуст и што ќе се случи со него бидејќи дозволил упад во строго доверливи документи. Од кабинетот ни одговорија кратко дека досега не добиле никаков извештај од дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Документите всушност се записници од две лидерски средби на кои се расправало за разликите околу името.

Милошоски кој е претседател на комисијата за надворешни работи на почетокот на јули ги барал и ги добил на рака класифицираните извештаи иако не поседувал важечки безбедносен сертификат.

Милошоски смета дека документите се кријат за да не се открие улогата на Заев и Димитров во преговорите за името кои резултираа со преспанскиот договор. Пратеници на владечакото мнозинство најавија и во понеделник ќе му поднесат кривична пријава поради пропустите со класифицираните информации.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ