
И вистината ја нема, „цела да е“ ја знае, Груевски лично
Дента кога низ Будимпешта се тркаа по нивно „микулаш“, по наше Дедо мразевци, уште една црвена одора ни блесна од Унгарија. Првото појавување на Никола Груевски не како „микулаш“, туку како бегалец под меѓународна заштита беше во центарот на Будимпешта, во придружба на вработен во царината. Фотографијата беше објавена точно еден месец по неговото бегство од Македонија. Иако некои го прогласија бегството за кукавичлак, други за херојство, поранешниот македонски премиер со ова своја (не)очекувана постапка во сенка ги фрли сите дела и подвизи на своите политички противници. Тој е фраер на годината.
Слободно помина четири граници, додека сите го бараа во Скопје, тој пушти статусче на фејсбук од Будимпешта, а сега, сега слободно шета по Будимпешта наместо да ја полни затворската ќелија во Шутка. И за таа своја добро одиграна роља, во Македонија на никој ништо не му фали. Груевски последен пат даваше изјава на 24-ти октомври. Со добро испланирано бегство во главата, од устата му излегуваа критики за судството, но и пофалби за својата величина.
Веќе тогаш се стегаше обрачот околу него. Со сите правни процедури се обидуваше да избегне да замине на издржување двегодишна затворска казна. Последен пат во јавноста се појави на 7-ми ноември. Два дена подоцна веќе исчезна од државата. Полицијата „како да го бараше“, судот „како да пишуваше“ упатни акти за во затвор, СЈО „како да очекуваше“ мирен трансфер од слободен пратеник во затворен корумпиран политичар. И ништо од тоа не бидна- сите што ја чекаа разврската на драмата и на сите што го бараа по зградата каде што живее- им се јави, преку фејсбук.
Министерот за полиција уште тогаш знаеше дека има одговорност, но никако не ја гледаше во себе и во својот двор.
А што направи Груевски. Едно сабајле станал порано од вообичаено. Успеал да си најде превоз, и стигнал до граница кон Албанија. Си ја преминал, а потоа со дипломатски превоз со унгарски возачи, само со лична карта прем инал уште три граници и стасал до хотел со 5 ѕвездички во Будимпешта, каде ја поминал првата бегалска. ноќ. Во Македонија уште трае истрагата како избега Груевски и кој му помогна. Се спомнуваат шпионски приказни, мистерии и видео снимки.
Ја нема одговорноста иако се зборувало зад затворени врати и се нудела и сопствената глава.
И вистината ја нема, „цела да е“ ја знае, Груевски лично. Некој во бегањето на Груевски се уште гледа храброст, други по неговото бегство го испробаа греењето во притвор, но сите знаат дека е огромна грешка во правосудниот систем. Некои, пак, како нас во него видоа фраер кој и покрај сите отворени врати кон Запад, сепак ја одбележа годината, онака по македонски.
Миомир Серафиновиќ