
И со нова грчка влада нема закана Преспанскиот договор да биде променет
Преспанскиот договор останува на сила без оглед кој ќе победи на изборите во Грција, она што всушност ќе зависи од новиот распоред на силите во грчкиот парламент и идната влада е неговото спроведување. Предизборните анкети веќе ја промовираа десничарската Нова демократија, на Кирјакос Мицотакис, како извесен победник, која пак користеше многу остра реторика против Договорот од Переспа од неговото потпишување до денес. Новинарот и аналитичар Љупчо Поповски смета дека без оглед кој и да ја преземе власта во Грција нема да си дозволи да не го почитува Договорот.
„Сосема е јасно дека тој меѓународен договор кој што го потпиша Грција, кој што беше ратификуван во грчкиот парламент и во македонскиот парламент, речиси и да нема шанси да се промени, зато што сите меѓународни договори што ги потпишала Грција тогаш би биле ставени во прашање, во последниве 50 – 70 години, па дури и од Лозанскиот договор“, вели Љупчо Поповски, новинар и колумнист во „Независен“.
За него побитно е како ќе се однесува идната грчка влада околу преговорите на Унијата со земјава на есен.
„Во Европскиот совет сега претставник на Грција е Ципрас и тој е еден од најголемите поддржувачи за отворање на преговорите со Македонија, но од октомври таму ќе имаме нов член – Мицотакис. Како ќе се однесува тој, дали ќе биде со истото залагање со Македонија да бидат отворени преговори, ние не знаеме. Можеби ќе се приклучи кон воздржаноста на Франција. Тука може да одигра, не за поништување на Договорот, туку во закочување на европската перспектива на Македонија“, смета Љупчо Поповски, новинар и колумнист во „Независен“.
За тоа како би се позиционирала политиката на Мицотакис, како премиер, кон земјава, според Поповски, многу ќе зависи од тоа на кој начин тој би ја формирал идната владата. Ако Нова демократија сама формира влада, тоа би било покоплицирано бидејќи политиките би биле диктирани од внатрешните односи во партијата.
„Факт е дека Мицотакис е на некој начин заробеник од десното крило во Нова демократија. Самиот Мицотакис е повеќе центристички настроен политичар, човек што завршил на Стенфорд, на Харвард, на бизнис школата на Харвард, значи со едни полиберални сфаќања и за настаните во општеството, за економијата и односите меѓу државите. Но поголемиот дел од Нова демократија, првенствено поради Преспанскиот договор, но и заради притисокот што беше наметната од европската тројка за штедење, отиде по десно од местото каде до сега се наоѓаше партијата“, вели Поповски.
Сепак реална закана по Договорот од Преспа, од промена на власта во Грција, единствено има со негово ставање под „мраз“.
„Може да се одолговлечат преговорите. На пример на комисијата за историските прашања, комисијата за трговските марки. Може такви некои работи кои што зависат од амбицијата и активностите на самата влада. Но основите, базичните основи на Договорот, мислам дека е невозможно да се променат, затоа што, во крајна линија, тоа е завршена работа и за Мицотакис“, е на став Поповски.
Тој смета дека Мицотакис ќе се занимава со Преспанскиот договор од аспект на последиците од него за Грција и добивање политички поени од тоа.
Тамара Грнчароска