
И сметот од тетовските улици почна да се чисти
Студенти, професори, невладини и еколошки организации деновиве ги засукаа ракавите и го ослободија јавните површини затрупани со разновиден смет. За само неколку часа во една акција, еколошките организации собраа над 100 вреќи отпад од повеќа локации од градот.
Велат дека чистите улици и тротоари не значи дека проблемот со сметот е надминат. Менаџирањето со отпадот во Тетово се уште тапка во место. Општината се уште го нема решено проблемот со претоварната станица, каде се уште има дива депонија а селектирањето на отпадот ниту на повидок.
Абдулахи вели дека општината е таа која ја има создадено најголемата депонија во градот кај претоварната станица, а лош еколошки пример локалните власти даваат и со емисијата на штетни гасови. Објектот на општината се уште се грее на нафта, иако властите најавија дека горивото ќе го заменат со гас.
Ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа Абдулменаф Беџети, вели дека еколошките промени и иновации мора да започнат кај секој од нас. Но истите треба да биде подржани од властите со бенефиции.
Тетово и покрај многуте најави на властите, се уште го нема решено проблемот со дивите депонии, а градот под Шара и натаму е меѓу најзагадените општини во Европа.
Зоран Димовски