И првите луѓе во Собранието добиваат кабинет и посебни советници

И првите луѓе во Собранието ќе добијат кабинети и посебни советници. Собранискиот спикер ќе може да ангажира пет кабинетски службеници и уште пет посебни советници, потпретседателите по еден, а генералниот секретар три службеници во кабинет и три советници. Амин за сите вработувања во собраниските служби ќе дава претседателот на Собранието, без да бара согласност од министерот за финансии. Во Собранието стасаа законски измени кои треба да се донесат пред изборите по скратена постапка, а се предложени со консензус од сите пратенички групи. Иако се предвидени нови работни места, Џафери вели како и сите министри и тој и до сега можел да ангажира советници, но немал потреба од тоа. А  платите на советниците, би требало да бидат исти како тие на советниците на министрите.

  • Во овој мандат јас не чувствував потреба дека треба да ангажирам посебни советници за да може да ме советуваат за оние работи кои се однесуваат на Собранието.Што значи априори предвидувањето советници во соодветните кабинети не значи дека ќе има потреба по секоја цена да се ангажираат, меѓутоа се остава можност како и впрочем е можноста за сите други институции на државните органи“. – вели Џафери.

Целта е собраниските служби да се независни од власта, бидејќи како што стои во предлогот потпишан од повеќе пратеници од сите партии на чело со претседателот Џафери, нивната задача е да вршат политичка контрола токму на извршната власт.

Покрај новите работни места кои се предвидуваат, собраниските службеници поради специфичните задачи, ќе имаат право и на посебен надоместок до 30 проценти од платата, кој ќе им се исплаќа одреден временски период.

  • Собранието е во постојана работа. Вие ги знаете случувањата, работевме до касно значи во ноќ и истите службеници ниту можеа да користат право за паричен надомест преку времето, она што е предвидено со закон ниту пак можеле да користат слободно време од причина што истите вработени кои што се ангажирани за водење и организација на седниците утредента треба да бидат на работа и да продолжат со работа“.

Законот веќе е ставен на собраниска седница. Ооткако ќе помине ќе се донесат сите потребни акти, а ке почне да се применува од наредната година. Во предлогот стои дека ќе требаат повеќе пари од буџетот, но Џафери вели дали ќе треба и колку пари – дополнително ќе се анализира.

Александра Филиповска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ