И претседателот на Градски Комитет на УМС на ВМРО ДПМНЕ поднесе оставка

Последен кој поднесува оставка од Унијата на млади сили на ВМРО ДПМНЕ е претседателот на Градскиот комитет на УМС, Томи Кепевски. Во пишана изјава тој вели дека бил охрабрен од денешната одлука на Претседателот на Млади Сили, Кржалоски, кој исто така се повлече од функцијата. На својот ФБ профил, Кепевски напиша дека разговорите со неговите сопартијци се сведуваат на тоа дека партијата е во безизлезна ситуација.

„За жал, јасно е дека ова раководство застранува од стратешките определби и партнери на ВМРО и Република Македонија и служи како платформа за ширење на руското влијание. Овие коментари се уште посилни во градските кругови,каде што се движат обични симпатизери или неопределени граѓани. Сите тие очекуваат од нашата партија да ја преземе природната улога на лидер во нашата држава и да понуди одговор на сите погубни политики на СДСМ. За жал тоа не се случува, туку гледаме меѓусебни препукувања, фракции, безидејност. Така не само што не нудиме алтернатива за граѓаните, туку и служиме за одвлекување на вниманието од вистинските проблеми. Ние сакаме една прогресивна и силна младина, која ќе биде рамо до рамо со другите младини на Европскиот континент и поголемото западно семејство!

Оваа оставка не е предавање, туку само гласен крик против ова што ни се случува!“, завршува Кепевски.

 

 

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ