
И покрај профитите, банките уште тешко даваат кредити на малите фирми, тие пак ќе земаат од странска помош
И покрај тоа што нашите банки имаат високи профити, малите и средни фирми се уште тешко доаѓаат до кредити и тие се скапи, укажува Европската унија, откако направила студии и ртазговарала со приватните фирми. Банките не сакаат да ризикуваат, а на компаниите им е тешко да ги обезбедат гаранциите што ги бараат за да им одобрат заем.
Иако во Македонија има банкарски сектор кој е профитабилен и ликвиден, се уште има проблеми кои придонесуваат малите и средни фирми да се соочуваат со тешкотии коб користењето и пристапот на тие средства. Малите фирми немаат капацитет да напишат добри бизнис планови, што на банките им го крева ризикот и така тие стануваат поскапи, што особено важи за кредитите со мали износ, вели Јанмат Фрик, Раководител на проекти во Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.
Затоа унијата решила да им помогне на малите фирми, кои се најбројни и вработуваат 80 отсто од населението. Преку ЕБОР се доделуваат 30 милиони евра на домашните банки, кои треба да ги пласираат кај фирмите, со што тие ќе имаат пари за инвестиции во напредна технологија и да ја подобрат својата конкурентност, за да можат да се развиваат и да извезуваат. ЕУ доделува и грант од 6 милиони евра, од кои 4,5 милиони од ИПА претпристапната помош ќе бидат грант, а 1,5 милиони за консултанстски услуги, за полесно да ги изработат тешките бизнис пласнови и да го оправдаат бизнисот за кој бараат кредит. Сепак, каматите и другите услови ќе ги одредуваат самите банки и тие ќе им се делат под редовни комерцијални услови на фирмите.
Практично ако некој сака да добие кредит од еден милион евра, значи дека ќе добие 150 илјади евра грант и ќе треба да врати 850 илјади евра, вели Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.
Тој ги повика компаниите да аплицираат за програмата, која засега оди преку три банки, Шпаркасе, Охридска и Комерцијална.
Првите три месеци заеми зедоа 10 компании, а 15 се во напредна фаза на одобрување, тоа го покажува интересот, вели Анка Јоана Јонеску, ЕБОР.
Вчера и премиерот Зоран Заев ја пофали одлуката на Народна банка да ја намали основната камата, и ги повика банките да ги намалат каматите и провизиите, но и да го зголемат кредитирањето.
Нина Нинеска-Фиданоска