
Невладините ќе плаќаат данок на добивка само ако имаат приходи од стопанска дејност
И здруженијата, партиите, верските заедници, Црвениот крст, синдкиатите и коморите ќе станат даночни обврзници за данокот на добивка, доколку остваруваат стопанска дејност. Министерството за финансии подготвува измени на овој закон, веќе поставени на платформата ЕНЕР, а треба да се применуваат од следната година. Со нив се определува како и колкав данок ќе плаќаат непрофитните организации. Во предлогот се вели дека ова се прави заради избегнување на нелојалната конкуренција со субјектите на кои добивката остварена од вршење стопанска дејност им се оданочува.
Од Финансии за Телма тврдат дека овие измени се целосно на барање на невладиниот сектор, за даночењето да не се врши произволно, врз основа на толкување на даночните работници, туку да биде прецизно одредено за приходи од стопанска дејност. Промените се предвидени во проектот финансиран од ЕУ, со цел да се избегне правната наизвесност кај невладините, која во минатото постоела.
Со цел да нема произволно толкување на законите, во Предлог- законот за данок на добивка се уредува дека непрофитните се ослободени од данок на добивка, освен за стопанската дејност, за која се уредува да плаќаат данок на вкупен приход од 1 отсто, на износот кој надминува 2500 евра годишно, велат од Министерството за финансии.
Во измените кои ги предлагаат стои дека невладините не се обврзници на данокот за заработките од членарини, доброволни прилози, донации, подароци. Добивката, пак, која е остварена од стопанска дејност е регулирано да се даночи, на пример приходот од издавање на простории под закуп, ако вршат комерцијални обуки.
Граѓанските здруженија затечени, но велат – прво ќе се консултираат со Финансии за да се изнајде најдобро решение, па ќе ги кажат своите препораки. Нивните предлози се јасни – невладините и фондовите да се изземат од плаќањето данок на добивка. Дел од нив велат дека и досега на државата и плаќале данок на непризнаени расходи.
Измените ги опфаќаат и вработените со високи примања. Како добивка ќе се смета и даночи секоја заработка над одреден лимит од исплатен надомест за деловна успешност. Ова е направено, се објаснува во предлогот, поради случаите кога се користела законската можност за исплата на високи суми на вработените на име деловна успешеност, за која се плаќаат придонеси само до износот на највисоката основица за придонесите, односно 16 просечни плати, како начин да се пренесе добивката без да се плати данок.
Нина Нинеска-Фиданоска