И мртвите и преживеаните од КОВИД 19 плаќаат за болничко лекување, а заразените лекари добиваат помали плати- допрва ќе се носат уредби за овој проблем

Лежењето во болница поради КОВИД 19 се наплаќа како нормално болничко лекување. И смртните случаи и излекуваните пациенти добиваат сметка од финансиските служби на болниците и клиниките каде што престојувале заразените со корона вирус. Како нов вирус, КОвид 19 го нема ниту во еден законски текст, ниту пак е прецизиран со уредба на влада за исплати од Фонд за здравство.

Поради тоа за да избегнат кривична одговорност, болниците се должни да подготват сметка и за пациентите кои го победиле вирусот, но и за тие што ја изгубиле животната битка. Од Фондот за здравство велат дека со уредба ќе се смени ова морбидно правило.  Директорот на ФЗОМ Ден Дончев цели дека партиципацијата ќе биде 100 проценти на сметка на Фондот.

Од друга страна заболените медицински работници се соочуваат со кратење на платите преку боледување и покрај тоа што голем дел од лекарите, сестрите и останатиот медицински персонал заболеле од корона на работно место помагајќи им на болните.

Лекарката анестезиолог Гордана Николиќ од кумановската болница заболела пред 40-тина денови кога на инфективното одделение вршела реанимација на заболена пациентка. Уште е позитивна на вирусот, а во меѓувреме поради боледување добила помала плата, а поради лекување на скопската инфективна клиника и е наплатено околу 100 евра за болнички услуги. Побара човечност од надлежните здравствени институции.

ФБ СТАТУС НА ДР-Гордана Николиќ, АНЕСТЕЗИОЛОГ ВО БОЛНИЦА ВО КУМАНОВО

-И мислев за совеста  и другите така размислуваат. Не било така, некој во оваа наша државичка што донесува одлуки мисли дека јас дури и треба да бидам казнета . Како спиете Вие  од Фондот за здравство кога  донесувате вакви одлуки во смисла дека ова не е мое заболување стекнато на работа, дека јас треба да плаќам партиципација за лекување во болница и за лабораторија , дека треба да ми ја скратите  платата,  а од ова заболување јас 2 месеци скоро ќе седам дома, нема и да дежурам , а дежурствата се голем додаток на нашата основна плата. А  пневмонијата и стресот ми се гратис награда. 

Од Фондот за здравство на денешната прес конференција соопштија дека и за тоа се подготвува уредба.

-Ќе се смета за професионално заболување, изјави директорот на Фондот Ден Дончев.

Дончев не прецизираше кога овие одлуки преку уредби ќе бидат донесени и ќе го легализираат како бесплатно лекувањето од Ковид 19.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ