И компаниите кои отпуштиле работници ќе можат да добијат помош од 14.500 денари за исплата на плати

Два дена пред стартот, Владата ги олабави условите кои треба да ги исполнат компаниите за да аплицираат за минималец од 14.500 денари за своите вработени. Ги слушнала критиките на јавноста и бизнисот па промените денеска се објавени и во Службен весник. Откако попушти наместо до септември, бројот на вработени да се задржи до јули, сега за помош од државата ќе можат да аплицираат и компаниите кои отпуштиле работници. И тоа малите и микро компани можат да го намалат бројот на вработени за 15 проценти, средните за 10, а големите за 5 проценти.

„Во претходното решение беше ставено дека работодавачот треба да ги задржи бројот на вработени во моментот на аплицирање, за оние за кои што аплицира. Сега велиме се прави споредбата со месец март и дозволено е намалување 15, 10 ,5 проценти во зависнот од бројот на вработени. Работниците кои што ќе ја загубат работата,мораме да бидеме реални и да кажеме дека ќе има и такви кои можеби ќе ја загубат работата, ќе има и такви на кои можеби платите и приходите ќе им бидат помали. Важно е дека се трудиме системот да ги адресира и задоволи сите“- изјави Ангеловска.

Експресно реагираа експертите и Синдикатите. Синдикалците бараат итна средба со Ангеловска, и ја обвинувата дека се става во заштита на газдите.

„Сојузот на синдикатите на Македонија и се „ЗАБЛАГОДАРУВА“ на министерката за финансии г-ѓа Нина Ангеловска, што во целост ги поддржува и применува мерките од „газдите“ и придонесува да се зголеми бројот на невработени во Република Северна Македонија, како честитка по повод претстојниот 1- ви Мај, Меѓународниот ден на трудот.“- реагираше ССМ.

Со заедничка реакција излегоа и невладини, граѓански здруженија и синдикати. Бараат одговорност од Ангеловска. Кристина Амепева од „Гласен текстилец“ вели одлуката е срамна, и очекува повлекување на Уредбата.

Второ олеснување во мерката е тоа што компаниите од најпогодените сектори, угостителство, туризам и транспорт ќе може да аплицираат и за другата мерка за субвенција на 50 проценти од придонесите, односно ќе добијат до 19.500 денари. А има ретерирање и околу враќањето на помошта. Оние компании кои ќе инвестираат во вработените, во опрема нема да ја враќаат помошта.

Компаниите за помош за априлската плата треба да аплицираат до 7 мај.

Владата  очекува со оваа мерка да заштити од 200 до 250 илјади работни места. И додека бизнисот алармираше дека очекува проблеми со ликвидноста и извозот и побара нови мерки од Владата, Ангеловска вели за нови мерки ќе се размислува откако ќе се видат резулататите.

 

Александра Филиповска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ