
И денеска откажани некои летови на Скопскиот аеродром
Поради намалена видливост на Меѓународниот Аеродром Скопје, денеска на скопскиот аеродром авиокомпаниите ги откажаа летовите од Истанбул, Атина и Виена. Летовите од Берлин, Варшава, Доха, Дубаи, Стокхолм, Ајндховен, Осло, Љубљана и Загреб слетаа на Меѓународниот Аеродром Скопје, соопштуваат од ТАВ Македонија.
Поради лошите временски услови и честите промени во минималните граници на видливост, од компанијата ги советуваат патниците да ја следат нивната веб страница, каде сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време, како што ги добиваат информациите од авиокомпаниите, или да се јават на Шалтерот за информации на аеродромот, кој работи постојано.
Од ТАВ велат дека во однос на патничките права, во случаи на пренасочени или откажани летови, патниците треба да се обратат кај авиокомпанијата со која патуваат и од неа да очекуваат решение. За повеќе информации, пак, во врска со патничките права, советуваат да ја консултираат веб страната на Агенцијата за Цивилно воздухопловство.