Хотелиерите во градовите нема да ги примаат гостите до 1 јули
Иако беше најавено дека од денеска хотелите во цела држава ги отвораат вратите за туристите, тоа нема да се случи. Се отвораат само хотелите во туристичките центри, но не и по градовите. Тие најавуваат дека ќе почнат да работат од 1 јули. Но, со откажани резервации до крајот на годината и огромен пад на прометот, егзистенцијата им е неизвесна.
Ќе биде многу тешко . Тоа ќе бидат само нови инстант резервации. Не верувам дека туризмот ќе проработи, посебно во Скопје. Ние ќе бидеме условени и зависни само од бизнис резервациите, што ќе биде ужасно, вели Стефан Стефановски – сопственик на хотелот „Сити Парк“.
Дополнителен проблем за градските хотели се и новите протоколи за работа, кои бараат зајакнати санитарно- здравствени мерки, кои подразбираат и дополнителни вработувања персонал, во услови кога тие се борат да задржат 50% од постоечкиот.
Мене срце ми се кине , но ние како објект немаме донесено кратење на вработените. Но, мислам дека во најбрз рок ќе мораме да се прилагодиме. А, ќе биде многу тешко да се постигне тоа, вели Стефановски.
Лоша слика за и онака малкуте гости во хотелските ресторани на отворено, се инспекциите кои постојано доаѓаат, дополнува Стефановски. Тие се проблем и за кафулињата и рестораните, од каде велат дека додека не се укине мерката 4 лица од едно семејство да седат на една маса , продолженото работно време, кое стартува од денеска, нема да помогне за подобрување на приходите.
Доколку се укине мерката, 4 лица од исто семејство да седат на една маса, односно да не се од иста фамилија, тогаш значително ќе се подобри работата. Вака, нешто ќе се раздвижи секторот, но далеку од тоа што треба да биде, вели Горан Петрески – менаџер на „ Соул Китчн“.
По ново, угостителските објекти во работна недела ќе работат до полноќ во работните денови, а во петок и сабота до 01 часот, по полноќ.
Сотир Трајков