Хидро-бизнис со Ѓавато

Најмалку 30.000 евра месечна сметка за електрична енергија плаќа Министерството за животна средина за да обезбеди вода за хидроелектраната Топлец. Во услови кога Дојранското Езеро е преполнето, хидросистемот Ѓавато работи пред се за електраната со која има договор дека непрекинато ќе ја снабдува со минимум 200 литри во секунда. Договорот за за јавно приватно партнерство е склучен на крајот од 2011 година со тогашното јавно претпријатие Дојранско Езеро. Тоа било само неколку месеци пред да се трансформира јавното претпријатие во хидросистем Ѓавато, кој во 2012 преминал како одделение на Министерството за животна средина.

Од министерството велат дека хидроелектраната помага за поголема искористеност на водата од Ѓавато, а со парите од концесијата ги плаќале трошоците за одржување на хидросистемот. Но тоа во најмала рака не е точно, бидејќи хидросистемот за еден месец само за хидроелектраната троши повеќе отколку што Топлец плаќа за цела година, бидејќи сопственикот рече дека месечниот надоместок што го уплаќа изнесува 2.500 евра. Инспекторатот ќе истражува и врз база на кој договор се врши трансферот на пари од хидроелектраната на Министерството за животна средина, бидејќи договорот е склучен со јавно претпријатие што не постои, а подоцна е продолжен со анекс со Министерството за животна средина, но тие документи Државниот инспекторат ги чека од службите на министерството. Концесијата на хидроелектраната Топлец трае до 2032 година.

Во моментов хидросистемот работи со капацитет од 400 литри во секунда, што министерството месечно го чини 60 илјади евра само за електрична енергија. Останатите 200 литри во секунда ги трошат нелегалните приклучоци со кои според проценките на вработените се наводнуват околу 100 хектари земјоделска површина.

Сузана Мицева

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ