Хелиос прв предизвик за подмладениот МЗТ

Откако ги заврши подготовките МЗТ Скопје пред своите гледачи ќе го отвори настапот во кошаркарската АБА 2 лига. Во пресрет на првиот меч против Хелиос од таборот на македонскиот вицепрвак истакнаа дека во новата сезона ќе се претстават со комбиниран состав од млади и искусни кошаркари.

„Направивме екипа која е спој на младост и искуство, која ќе игра агресивно и фајтерски, стил кој сакаме да го негуваме во екипите од сите возрасти. Згора на тоа, поголемиот дел од кошаркарите имаат повеќегодишни договори, што значи дека имаме база за развој бидејќи не сакаме секоја година да правиме нов тим. Нашите амбиции се високи во сите натпреварувања во кои настапуваме. Не бараме алиби во младите играчи во тимот, влегуваме со желба да ги освоиме домашните титули“, изјави Извршниот директор на тимот од „Јане Сандански“ Тони Грнчаров.

Тренерот Ѓорѓи Кочов слично размислува а посочи дека за гостите од Словенија немаат доволно информации, но без ралика на тоа МЗТ е подготвен да стартува со триумф.

„Презадволен сум екипата и од фактот што го задржавме костурот во однос на минатата сезона.Додадовме четири странски засилувања, кои пред да ги донесеме најважно нешто што ми беше мене како тренер беше нивниот карактер. Функционираме добро, имаме услови не за АБА-лига, туку за Евролига. Кај народот се смета дека АБА2 е слаба. Меѓутоа, начинот на кој клубовите играат кошарка не е потценувачки. Нѐ чека тешка битка на два фронта, но имаме ростер за тоа. МЗТ презема ризик да вади играчи и да брка резултат.Младите играчи што ги имаме, се надевам дека ќе ги подигнеме на едно ниво. Можеби нема да бидат за АБА-лига, туку за македонската лига. Знаеме дека кошарката во изминатите години ни е стерилна, дека немаме извадено играчи, но ќе се бориме за тоа“, изјави Кочов.

МЗТ Скопје нема проблеми со повредени играчи пред утрешната средба во која ќе настапи комплетен против Хелиос закажана од 19 часот во „СЦ“ Јане Сандански.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ