
Хеликоптерската итна помош е ремек дело за Рашковски- а грабеж од 72 милиони евра за Јанушев
Ова е дело, прво ремек дело на владата за граѓаните и тоа ќе ги чини 0 денари, вака генералниот секретар на владата Драги Рашковски го опиша изборот на Сархемс за партнер на владата за хеликоптерска итна помош и спасување. Грабеж на 72 милиони евра за што дури двајца членови на комисијата за набавки не ја потпишале одлуката за избор на новоформираната човек фирма за да го спроведе јавното приватно партнерство, вели генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
Генералниот секретар на владата Рашковски ги негира сите обвинувања на партискиот функционер со иста титула Игор Јанушев, тврди дека животи ќе се спасуваат за џабе, а парите за функционирањето на странскиот шведски партнер со скопска адреса во населба пролет ќе се обезбедуваат од странци кои ќе транзитираат низ Македонија со платено осигурување за хеликоптерско спасување и итна помош.
Но генсекот на владата немаше никакви други детали зошто новоформирана фирма е избрана да го води овој воздушен сервис, како ќе се финансира и што доколку граѓаните на кои им треба помош од небо не ја добијат ако странците не плаќаат такво осигурување.
Не може да има злоупотреба бидејќи буџетската ставка е 0 денари, тврдеше Рашковски. Тој разјасни и дека центарот за обука на пилоти на Петровец нема никаква корелација со јавното-приватно партнерство, иако физибилити студијата го посочува токму овој центар за база на идната итна помош од воздух.
На повикот всушност се пријавила шведската фирма Свидиш хеликоптерс консорциум, а не скопската Сархемс. Заедничко за двете фирми, како што објави КОД на Телма во неделата, е Саша Ѓаковиќ, сопственик на скопската Сархемс, а член на бордот на конзорциумот од шведска Упсала формиран пред две години.
Ѓаковиќ тогаш ни рече да почекаме за детали додека не се потпише договорот, а според информациите на КОД швеѓанецот со балканско потекло имал блиски пријатели во военото воздухопловство на АРМ и пред две години и бил во посета на Петровец.
Миомир Серафиновиќ