Хазби Лика „ни крив ни должен“ ќе стане член на советот за координација на разузнавачката заедница

Вицепремиерот за рамковен договор кој многу ретко доаѓа на работа во кабинетот на Илинденска, Хазби Лика си обезбеди место во советот за координација на разузнавачката заедница. Таа позиција Лика ја добива автоматски и ќе стане дел од советот најдоцна за 30 дена.

Во законот за координација кој денеска го потпиша претседателот Стево Пендаровски, стои одредба дека вицепремиерот задолжен за рамковниот, во случајот Лика ќе биде еден од 8-те члена на советот кој оперативно ќе ги води разузнавачките активности.

Интересно е што за ова решение гласале сите 91 пратеници на седницата минатата среда иако истите пратеници уште во март гласаа за укинување на секретаријата за рамковен договор и замена со ново министерство за политички систем.

Проблемот го направи стариот претседател, Иванов не го потпиша законот од 27-ми март со кој се формираше новото министерство, што значи дека новото министерство уште не постои.

Па поради тоа во реформските закони за тајните служби е предвидено вицепремиерот за рамковен да координира со тајните служби. Хазби Лика кој имаше една до две владини активности стана познта кога поради кавга со раководството на ДУИ престана да доаѓа на работа.

Не е сменет, не даде оставка, а сега си доби нова позиција за најмалку уште три наредни месеци односно до избор на нов министер за политички систем. Пендаровски денеска го потпиша и вториот реформски закон со кој се укинува УБК и се формира новата АНБ, агенција за национална безбедност.

“Со Законот за Агенција за национална безбедност прецизно се регулира собирањето на податоци и информации значајни за безбедноста и одбраната на државата. Со Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, што се носи за прв пат во Република Северна Македонија, се формира Совет за координација кој ќе ги спроведува предлозите на највисокото безбедносно тело – Советот за национална безбедност” – соопштија од кабинетот на Претседателот, Стево Пендаровски.

Претседателот ги фали реформите и го објаснува потпишувањето на указот за координација со тоа што тврди дека и покрај тоа што во тоа тело главен ќе биде премиерот, а нема претставник на претседателот сепак ќе се спроведуваат сите предлози на Советот за безбедност воден од Пендаровски. Досега не е соопштено каде ќе се пресели новата Агенција бидејќи мора да го напушти кругот на МВР, а новиот директор на АНБ треба да биде избран за 15 дена, владата треба да го изгласа предлогот од премиерот за нов директор.

Во Советот за координација се претставени сите институции кои имаат надлежности во сферата  на одбраната и безбедноста. Со Законот за Агенција за национална безбедност прецизно се регулира собирањето на податоци и информации значајни за безбедноста и одбраната на државата.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ