Хатчисон: Македонија ги исполнува условите, потребен е финалниот чекор

Исходот од разговорите за името се чека и во седиштето на НАТО во Брисел. Македонија ги исполнува сите услови, потребен е финалниот чекор со заокружување на преговорите за името за Македонија да влезе во НАТО уште на претстојниот самит во јули, порача амбасадорката на САД во НАТО, Кеј Бејли Хатчисон.

„Од претходните Самити е јасно дека НАТО е подготвен да ги почне пристапните разговори со Македонија штом се реши прашањето со името. Верувам дека министрите во двете земји работат многу напорно  за да се дојде до взаемно прифатливо решение за името. Штом се постигне овој договор и клучното барање се исполни, сметам дека Македонија ќе го почне процесот на пристапување кон НАТО. НАТО беше јасен дека Македонија ги исполнува барањата, освен името и штом тоа се реши ние ја посакуваме за рамноправен партнер. САД силно го поддржуваат приемот на Македонија и се надеваме дека тоа би можело да се случи и на претстојниот Самит, но она што сега се бара од двете земји е да ги завршат преговорите и да го отворат патот за влез на Македонија“, изјави Хатчисон.

Во телефонскиот брифинг во пресрет на министерскиот сотанок на НАТО во Брисел, амбасадорката на САД во Алијансата сепак не сакаше да говори за некаков план „Б“ за македонскиот пат кон членство. Повтори дека решението за името е клучно за да се отворат вратите за членство, а ако нема решение до Самитот во јули, САД, порача Хатчисон ќе продолжат со силната поддршка за Македонија во сите области, вклучително и во спречувањето, на како што рече, можни непријателски руски влијанија, како што имаше кон некои земји од регионот аспиранти за члернство во НАТО.

Боби Христов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ