Хан уверен дека партиите се посветени на европската перспектива

По дводневната посета на Скопје, еврокомесарот Јоханес Хан заминува, како што вели, уверен дека сите клучни играчи во земјава се посветени на европската перспектива. Тоа била и неговата цел – да добие гаранции од сите клучни играчи, без разлика дали се дел од власта или се опозиција.

Еврокомесарот Хан со партиската делегација на ВМРО – ДПМНЕ предводена од Груевски се сретна синоќа во Собранието. Главните поплаки на Груевски се дека опозицијата не е вклучена во реформските процеси. Груевски му се пожалил на Хан и  дека локалните избори биле едни од најлошо организираните, со бројни неправилности. Забелешки имал и за судството.

„Претседателот Никола Груевски истакна дека загрижува нивото на политички притисок кој се гради врз судството што влијае врз создавање атмосфера на страв кај судиите и судските власти и која што се пресликува и на другите полиња, како што се медиумите и економијата“.

Но, Хан вели дека напредок во судството има.

Хан синоќа во Собранието се сретна и со претседателот на Собранието, Џафери, лидерот на Алијансата за албанците – Села и со претседателот на ДУИ Ахмети. Покрај реформите и потребата тие да бидат испорачани навреме, Хан во разговорите инсистирал и на потребата од вклучување на опозицијата.

„Зборувавме и за политичките текови, за функционирање на коалицијата, останува наша задача да градиме блискост и соработка не само во рамки на позицијата туку и со опозицијата. Соработката со опозицијата претставува многу важен пат, кажа Али Ахмети, лидер на ДУИ.

Хан кој денеска имаше средба со граѓанскиот сектор, повтори дека е потребно да се усвојат сите закони во сферата на правосудството, разузнавањето и јавната администрација, што е клучно да се добие позитивна препорака од ЕУ. Се надеваме дека тоа ќе се случи некаде во фебруари, со надеж дека преговорите ќе почнат следната година, рече еврокомесарот.

На прашањето дали политичките партии на средбата во куќата на Жан Моне ќе разговараат за спорот со Грција, Хан одговори дека граѓаните во земјата се многу фокусирани на европската перспектива и со право очекуваат дека политичарите ќе најдат решение. Ова е прашање за кое не сакам да коментирам, се уште е рано, но позитивно е што се спроведуваат мерки за градење доверба, изјави еврокомесарот.

Сања Јовановиќ Дамјановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ