Хан сака мандатот да го заврши со отвoрање на преговорите со Македонија и Албанија

Евркомесарот за проширувањ Јоханес Хан сака да го заврши својот мандат идната година, како што вели, барем, со многу силен сигнал дека првите поглавја од преговорите за членство на земјава во ЕУ се отворени. Со оваа лична порака на Хан денеска го заврши своето излагање на вториот ден од стартот на скриниг со кој Македонија, заедно со Албанија, го започнаа процесот на усогласувањето на нивното законодавство со европското.

„Мојата главна порака до делегаците денеска, но и до граѓаните во земјите, е – работата започна. Европската перспектива ќе се материјализира, но тоа значи многу работа пред нас, но и важна домашна задача која треба да се заврши. Јасно е дека акцентот е на владеењето на правото кое е особено важно. Се на се, поставивме амбициозна патека која трба да го отвори патот кој треба да го изодиме од денеска до идниот септември“, изјави Хан.

Хан смета дека е реално идната есен да се одржи првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ, со што би се означил стартот на преговорите за членство. Сепак нагласи дека претстои многу работа и оти не смеат да се губат денови на исполнување на целите, а тоа е скринингот да заврши до идното лето и потоа да се премине на следниот чекор.

Според еврокомесарот односите меѓу ЕУ и Македонија, по Стратегијата за Западен Балкан од февруари, Самитот во Софија и заклучоците на Европската комисија од јуни, влегле во одлучувачка фаза.

„Ова е процес која ќе ве оспособи да ги спроведете реформите кои се неопходни за да станете еден ден дел од нашето големо европско семејство. Ова е процес кој ќе донесе промени на подобро за вашите земји и ќе обезбеди конкретен бенефит за вашите граѓани со нудење на нови работни места и гарантитрање на владеењето на правото и правда за сите граѓани“, рече Хан.

Од македонската делегација пред Хан изразија заложба дека ќе дадат се од себе за да ја потврдат довербата, со задржување на текот на реформите.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ