
Хан: Потребно е лидерство и државништво да се најде решение за спорот со името
Eвропскиот комесар за проширување Јоханес Хан, за Дојче Веле изјавил дека очекува решение во спорот за името меѓу Македонија и Грција во блиска иднина.
„Ова е спор кој трае долги години. Постојат одредени чувства, особено во Грција, но знам дека актуелната грчка влада е посветена да го реши овој проблем, да најде решение со својот сосед“, вели еврокомесарот, „Уверен сум дека тоа може да се постигне во блиска иднина“.
Потребно е лидерство и државништво не само за да се најде решение, вели Хан, туку и за да се постигне согласност и да се обезбеди неопходното политичко мнозинство.
„Тоа е предизвик за лидерите во двете земји. Јас сум во постојан контакт со нив, и тие се многу посветени и знаат дека е важно да се најде решение затоа што таков нерешен проблем не може да остане меѓу две земји среде Европа.“