Хан од Орбан ќе бара објаснување за азилот на Груевски, Димитров од Сијарто

Јоханес Хан ќе бара солидно објаснување од  унгарскиот премиер Виктор Орбан за основите за одобрениот азил за Никола Груевски. Еврокомесарот за проширување на твитер денеска напиша дека владеењето на правото е клучно за кредибилитетот на Европа и ја прозва Унгарија.

Владеењето на правото останува темелен принцип за земјите членки и земјите кандидати на ист начин. Клучно е за кредибилитетот на Европа. Изненадувачки е што Унгарија поддржува членство во ЕУ за Македонија, но, не ја смета за безбедна, напиша Хан.

За бегството на Груевски во Унгарија и одобрувањето на азил досега официјално не реагираа европските институции, а Европската комисија единствено упати порака сите заинтересирани страни да дејстуваат строго во согласност со релевантните правила и владеењето на правото.

За билатералната реакцијата на Македонија кон Унгарија денеска се изјасни шеф на дипломатијата Никола Димитров велејќи дека Македонија во својата реакција ќе мора да ја пресмета поддршката која и е потребна од Унгарија за членство во ЕУ и НАТО.

Принципот на владеење на правото е силен државен интерес и тој ќе биде земен предвид при сите идни контакти и чекори што како дипломатија ќе ги направиме со Унгарија. Меѓутоа, да најавувам нешто апсолутно ќе штети на самиот интерес. Ние имаме интерес Унгарија да не поддржи за НАТО членство, за почеток на пристапни преговори. Така што сето ова заедно мора да се земе предвид, изјави Димитров.

Димитров најави дека отворено ќе разговара со својот унгарски колега Сијарто за азилот на Груевски на министерскиот состанок на НАТО на 4 и 5 декември во Брисел. Тој давањето азил од страна на Будимпешта го нарече иронија и парадокс бидејќи се работи за човек под чие владеење ЕК  земјава ја оцени како заробена, кој има пресуда, четири други обвиненија и пет истраги, да добие азил во земја членка.

Пред Димитров да разговара со Сијарто со него ќе разговара неговиот дански колега Андерс Самуелсен и тоа уште овој петок. Данскиот министер, кој денеска беше во Македонија, не сакаше да коментира дали на министерскиот состанок на ЕУ во понеделникот било разговарано за случајот на Груевски и почитувањето на владеењето на правото од страна на Унгарија, се додека лично не разговара со Сијарто.

Но тој имаше друга порака за Македонија. Рече дека Данска ја поддржува европската перспектива на земјава, но напредок во пристапувањето ќе има само преку испорака на вистински реформи и пристапот на заслуги. Пораката на Самулсон е дека Македонија направила прогрес,  кој треба да се задржи и да се испорачаат уште резултати, пред се во делот на борба против корупцијата и реформата на админситрацијата и функционирањето на правниот систем.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ