Хан: Младите да одлучат за иднината на државата

Во јуни 2019 Македонија ќе ги почне пристапните преговори со Европската Унија, убедени се еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и премиерот Зоран Заев. Но, за да се оствари тоа граѓаните на референдумот треба да се определат за европска иднина. Тоа веќе почна да се реализира со Договорот со Грција, вели Хан и сигурен е дека Макеоднија и натаму може да смета на силна меѓународна поддршка затоа што овој Договор е важен за мирот и стабилноста на регионот и цела Европа. Тој ги повика граѓаните, а особено младите во Македонија да излезат на референдумот за да не се повтори примерот со Брегзит.

„Но сега вам ви останува, на граѓаните да одлучите на слободен и суверен начин за иднината на оваа земја. Вратата на ЕУ сега е ширум отворена, вам ви останува да ја искористите оваа можност и да го искористите демократското право и да учествувате на референдумот, особено вие младите луѓе“, рече Хан.

Хан рече дека одамна е во политиката и затоа не е наивен, упатувајќи директна  порака  до политичарите и од власта и од опозицијата – сега не е време за политички игри и пазарења. Го посочи примерот со својата земја Австрија, кога сите се обединиле околу членството во ЕУ. Еврокомесарот учествуваше на владината седница на која беше означен почетокот на скрининг процесот.

За главен политички преговарач Владата го назначи вицепремиерот Бујар Османи, а за техничкиот дел од процесот одговорен е советникот на премиерот Бојан Маричиќ. Еврокомесарот Хан смета дека почетокот на овој процес значи дека се исплателе сите денови и непроспиени ноќи што ги поминал  во Скопје барајќи излез од политичката криза.

Сања Васиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ