
ГСОЛ избран за инвеститор во Фени
ГСОЛ ќе биде новиот инвеститор во комбинатот Фени. Банките кредитори одлучија довербата за повторно активирање на производствениот процес во фабриката да и ја дадат на Швајцарската компанија која според нив е најсериозен инвеститор и ќе понуди долгорочна перспектива за компанијата. Освен ГСОЛ, понуда за откуп на побарувањата, до банките кредитори доставила и бугарската компанија Минстрој. Двете понуди беа сериозни, покажуваа посветени и позитивни намери за обезбедување на иднината на Фени, вклучувајки и доказ за расположиви средства, објаснуваат банките.
„По оценувањето на понудите, одлуката на банките е да се избере понудата на ‘ГСОЛ’ како купувач на нашите побарувања. Ваквата одлука се заснова на целосна оценка на доставените понуди, роковите и условите за исплата на побарувањата, како и покажаната посветеност на овој инвеститор од почетокот на проблематичниот период за компанијата.“
Вчера Стопанска Банка објави дека склучила договор за продажба на побарувањата од Фени во стечај во износ од 14,9 милиони евра а истото го сторила и Комерцијална Банка, но во износ од 24,3 милиони евра. Според очекувањата на банките договорот за откуп на нивните побарувања во целост треба да биде завршен до крајот на овој месец. Рокот за пријавување на побарувањата од страна на доверителите, што го даде компанијата ГСОЛ истекува за два дена. Тие ги повикаа сите необезбедени доверители чии побарувања се прифатени во стечајната постапка до 16 март да ги достават своите барања за да може да започне постапката за исплата на парите.
Виолета З. Стојановска