
Груевски: Унгарија ми го одобри барањето за политички азил
Будимпешта ги отвори своите врати за првиот македонски политички азилант, а Никола Груевски преку фејсбук го потврди неговиот нов дом покрај Дунав, во Унгарија – земја членка на НАТО и на ЕУ.
„Во барањето за политички азил наведов дека истиот го барам заради политички прогон од новата влада предводен од партијата СДСМ“.
Груевски тврди дека во центарот за азил во Будимпешта е направен записник од 30 страни. Во него се содржани докази за сите тврдења дека животот му бил загрозен и дека во Македонија не му било овозможено правично судење. На фејсбук тврди дека во канцелариите на центарот раскажал за прислушуваите материјали, за специјалниот обвинител кого го смета за партиска алатка на СДСМ, и дека во процесот против него се користеле нелегално прислушувани разговори кои биле прифатени од судот како докази по притисок од надвор.
„Во Македонија се соочив со судии кои за секое мое или на мојата одбрана барање, чекаат инструкции како да одлучат од владата или од специјалниот јавен обвинител, од кого и самите судии се плашат, и кого го гледаат како преставник на актуелната влада“.
Екс премиерот Груевски имал сознанија дека ќе биде ликвидиран во затворот.
„Јас одлучив да не ја исполнам желбата на СДСМ, додека тие ја разграбуваат и распродаваат државата и националните интереси да седам затворен со политичка одлука и секојдневно да се борам за преживување во затворот, за каде добив сознание дека ми се подготвува ликвидација“.
Груевски вели ќе се бори за каузата за Македонија, дека бил подготвен да оди во затвор ако Заев се откаже од погубните политики по националните интереси, но актуелниот премиер бил кукавица и сакал и да ги прати противниците во затвор и да да го реализира разграбувањето на државата. Ја спомнал и аболицијата на Иванов и притвор на Јанакиески и Божиновски. Позитивната одлука уште утрово ја најави весникот Маџар идок, кој е близок на власта во Унгарија. Македонија, според европските стандарди е безбедна земја во политичка смисла, а одобрувањето на азилот следува во екстремно брз рок од само 9 дена по поднесувањето на барањето, кое според Маџар Идок се случило на 10-ти ноември.
Синоќа пак српскиот претседател Александар Вучиќ во ТВ интервју тврдеше дека Груевски ја напуштил Македонија ден подоцна.
Двете информации се спротивставени, или Вучиќ го греши датумот или пак Груевски го поднел барањето за азил пред да замине од Македонија. Весникот Маџар Идок пак пишува дека центарот за азил во Будимпешта сериозно и детално ја проучил апликацијата на Груевски. Од друга страна сега е откриено и како Груевски ја напуштил Македонија, во друштво на Унгарци и ноќе – но од македонските надлежни органи никој не понесе одговорност, им остана само да ги читаат постовите на Груевски на Фејсбук.
Миомир Серафиновиќ