Груевски уловен во Будимпешта

Опуштена атмосфера и непознати соговорници за македонската и унгарската јавност. По еден месец бегство и азил, Груевски го покажа лицето и излезе на виделина. Унгарските медиуми го пречекаа на излезот од ресторан во Будимпешта, обидувајќи се да поразговараат со него.

Иако видеото открива многу малку, Телма стапи во контакт со новинарскиот тим којшто го пронајде Груевски.

„Добивме дојава од еден наш пријател на кој му јавиле дека во тој ресторан вечера и Никола Груевски.

„Дали ги препознавте останатите две лице кои вечераат со Груевски“?

„Не, немаме чиста слика од нив. За жал не можам да ви помогнам. Тие беа завртени со грб кон нас“.

„Дали знаете каде престојува Груевски овој период“?

„Постојат гласини, но не и точна информација. Еден унгарски фотограф нуди слики од Груевски во хотелско лоби. Се зборува дека станува збор за не толку луксузен, мал хотел на периферија на Будимпешта“.

Што прави Никола Груевски во слободно време е загатка, но кој го следи верно е појасно од синоќешната фотографија која се појави на социјалните мрежи. Александар Трајковски, советник во општина Гази Баба од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, лојален партиски акивист и одличен логистичар. Така барем го опиша градоначалникот на општина Гази Баба, Борче Георгиевски, кој ни потврди дека Трајковски пред два дена е виден во општинската зграда, а редовно доаѓал на седниците на советот. Сликата од прошетката на Груевски и Трајковски паднала и во раце на надлежното обвинителство коешто го испитува бегството на Груевски, а сега ќе бара и кој сликал.

Бегството на Груевски ги изненади полицајците на министерот Оливер Спасовски, а оттаму до сега нема одговорност. Тој им се протна и на нивните колеги од Албанија и Црна Гора кој сега треба да и помогнат на Русковска, за две недели да ја заврши и соопшти вистината. Додека битката на терен ја води обвинителството, Министерството за правда брои денови до одговорот од унагарските власти дали ќе го испорачаат Груевски.

На обвинителната клупа еден до друг се Груевски и придружникот Трајковски. Но, тие се познаваат од одамна. СЈО процени дека за вакво дело како „Шлаканците во општина Центар“ да на бараат мерки за обезбдување, па така Трајковски се бранеше од слобода, а си го задржа и пасошот. Самиот Трајковски го исклучи мобилониот телефон, а неговиот работодавач – Царинската управа е на нозе, и испитува каде е Трајковски кој една недела не се појавил на работа.

„Царинскиот службеник Александар Трајковски од 5 декември 2018 година користи боледување, уредно пријавено согласно интерни акти на Царинска управа.“

Ако тој не се појави во понеделник на рочиште за Шамарите во центар, СЈО ќе бара притвор за Трајковски, велат оттаму.

Павле Беловски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ