
Груевски: Толку често сум во суд што почнувам да се чувствувам како да доаѓам на работа
Толку често ме повикуваат во суд што почнувам да се чувствувам како да доаѓам на работа и да побарам канцелаија и плата, изјави поранешниот премиер и поранешен претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, по денешното рочиште за случајот „Траекторија“.
Груевски посочи дека денеска е дојден во судот за нешто, за што е обвинет, што е исто како со случајот „Тенк“.
– Обвинението кон мене е дека сум ги поттикнал моите соработници да набават блиндирано возило, а во вториот случај да се градат патишта. Јас тоа сум го направил со цел да добијам награда, ама не парична или финансиска, туку во случајот со Мерцедесот наградата е дека сум се качил во возилото да се превезам некаде, а во случајот со патиштата политички поени, изјави Груевски.
Нагласи дека од сите судења засега впечатокот е дека нема шанса за фер судски процес и правда.
– Судството се претвора во една класична политичка гилотина и гледаме едно заробено судство. Гледаме судии кои се во непријатна ситуација и извршен е притисок врз нив. Кога ги читаат некои нивни одлуки ги читаат што побрзо, за да што побрзо заврши срамот, рече Груевски.
Обвини дека, исто така, е видлив нееднаквиот третман од судиите и дека во судот се борат и губат време да добијат елементарни права кои им следуваат по закон.
Во случајот „Траекторија“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа, според СЈО, му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155 милиони евра и за истиот износ на компанијата изведувач и овозможиле да се стекне со имотна корист.