
Груевски со обврски од пратеничкиот мандат ќе „бега“ од Шутка
Во понеделник преку својот адвокатски тим, екс премиерот Никола Груевски и официјално ќе побара да му биде одложено издржување на две годишната затворска казна пресудена за набавката на луксузниот мерцедес. Информацијата за Телма ја потврдија и адвокатите на Груевски кои не сакаат да прецизираат поради што ќе се бара одлагањето.
Само кратко ни рекоа дека одлагањето на затворската казна ќе се бара поради неодложни обврски на Груевски кои произлегуваат од неговата работна позиција и функцијата која ја извршува во моментот како пратеник.
Законот предвидува вкупно 8 дозволиви причини за одлагање на затворската казна. Меѓу нив има здравствено-медицински причини, семејни и деловни причини кои судот може да ги прифати и да ја одложи казната. Во зависност од причината, затворската казна може да се одложи најмногу за една година.
Од адвокатскиот тим на поранешниот премиер ни потврдија дека во барањето ќе наведат најмалку две причини за одложување на затворот, а ти ќе бидат поврзани со обврските кои произлегуваат од пратеничкиот мандат.
Судот има рок од три дена да одлучи дали ќе го прифати барањето или ќе го отфрли. Крајниот рок во кој Груевски треба да се јави во затворот во Шутка е 8-ми ноември, стои во упатниот акт кој му е доставен вчера.
Во меѓувреме поднесена е и жалба до Врховниот суд за преиспитување на пресудата и за одлагање на казната додека не се одлучи по жалбата.
Иако за одлагање на казната ќе се повикува на мандатот во Собранието, за неговата пратеничка позиција допрва ќе се расправа. Груевски седи на првото почесно столче од десната опозициска страна во Парламентот каде е сместена пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Откако судот вчера веќе го известил Собранискиот спикер Талат Џафери за правосилната пресуда, почнуваат да течат постапките за негово евентуално разрешување. Сега Џафери треба да ја извести комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, тоа најверојатно ќе се случи во понеделник и потоа комисијата ќе расправа дали да предложи одземање на мандатот на осудениот екс-премиер.
До минатата недела СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаа по 4-ца пратеници во комисијата, а деветиот член е од ДУИ. Но откако Мукоски гласаше за отварање на уставот, беше исклучен од партијата и сега рамнотежата е нарушена.
Доколку комисијата го усвои предлогот, тој оди на пленарна седница и за одзеамње на мандатот мора да гласаат две третини односно 80 пратеници.
Груевски досега не ја коментираше поканата за во Шутка, но останува на ставот дека е жртва на политички прогон на актуелната власт.
Упатен акт за затворот Скопје
На Груевски вчера му беше доставен на рака, упатниот акт за заминување на издржување на затворска казна, на која треба да се јави најдоцна до 8-ми ноември. Упатот му бил предаден во судот, каде беше на рочиште за случајот Траекторија на СЈО.
Упатот е за издржување на казна во КПУ Скопје, која се наоѓа во Шуто Оризари. Таму се наоѓа и притворската единица, па многумина неинформирани мислат дека Груевски ќе оди во притвор бидејќи се спомнува Шутка. Во скопскиот затвор во Шутка казна издржуваат осуденици кои имаат правосилни пресуди до 2 години затвор и кои не се повратници, односно се првпат осудени на казна затвор.
Миомир Серафиновиќ