Груевски останува без пратеничка плата

Никола Груевски ќе остане без пратеничка плата. Мнозинството го менува законот за пратеници, во кој досега немаше можност во текот на мандатот да му биде одземена платата, иако од средината на ноември е во азил во Унгарија. Предлагаат дополнување на членот 11, со член 11-а, кој гласи: „Ако пратеник е осуден со правосилна судска пресуда на казна затвор подолга од шест месеци, го губи правото на исплата на плата, други лични примања и надоместоци на трошоци”.

Проширувањето на дневниот ред, беше изгласано веднаш и покрај опомената од  спикерот Џафери дека тој закон е поднесен во процедура надвор од рокот во кој е заклучен дневниот ред на седницата.

Никола Груевски е осуден на 2 години затвор со правосилна пресуда во случајот „Тенк“ , но сепак платата редовно му се исплатува. Единствената можност што постоеше во сегашниот закон, е со секое отсуство таа да му се намалува за пет отсто. На Груевски не може да му се одземе ниту мандатот, затоа што за тоа е потребно двотретинско мнозинство.

На Груевски, кој е во Унгарија од средината на ноември, државата во четири случаи му одреди и адвокати по службена должност, кои се плаќаат од државни пари по 1 500 денари од рочиште.

Далиборка Дамјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ