
Груевски ниту утринава не се појави во затворот „Шутка“
Никола Груевски ниту утринава не се појави во затворот во Шутка за издржување на затворската казна од две години. Не дојде ниту на Комисијата за уставни прашања чиј член е, а токму поради кое бараше одложување.
Судскиот доставувач синоќа не успеа да му го врачи решението затоа што не го нашол на домашната адреса. Нов обид за врачување на судското решение ќе има во понеделник. Судот викендов нема да бара полициска асистенција за негово спроведување. Но, тоа не го спречува Груевски доколку сака сам да се јави во затворот откако судот го одби барањето за одлагање на извршувањето.
Решението може да му биде врачено и непосредно пред судското рочиште за случајот „Титаник“ во кој е обвинет. Синоќа во затворот во Шутка на работа биле повикани сите раководители. Новинарските екипи беа пред затворот во очекување дека Груевски сам ќе се пријави, но тоа не се случи.
Одбраната на Груевски вели дека имаат правна можност повторно да поднесат жалба до Кривичниот суд за одложување на казната, но овојпат по други основи. Следната инстанца може да биде и Врховниот суд, но неговата одлука не го одложува издржувањето на казната.
ВМРО-ДПМНЕ обвини дека се работи за политички прогон кој има и втор мотив, да се дефокусира јавноста од уставните измени и ребалансот на буџетот.
СДСМ побара правдата да важи подеднакво за сите и секој политчар да сноси одговорност за своите постапки.
ДУИ одби да коментира за поранешниот коалицсики партнер. Пратениците од оваа партија како и нивниот лидер Али Ахмети вчера во Собранието гласаа да му се одземе пратеничкиот мандат на Груевски. Но, и нивните гласови не беа доволни за да се обезбеди двотретинско мнозинство и да се донесе одлука со што поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ остана пратеник.
Јулијана Пешевска