
Груевски не ги симнува мајбах наочарите ниту во судница- и со нив на очите повторно „избега“ од екстрадиција
Со безбол капче, наочарите за сонце мајбах на лицето и палто врз скрстените раце, екс премиерот Никола Груевски утрово беше донесен во суд во Будимпешта. Требаше да се разгледува барањето за негова екстрадиција во Македонија.
На крај судијката оцени дека нема можност за екстрадиција и нареди ослободување на Груевски. Одлуката се подготвува, а според унгарските новинари со кои Телма контактираше судот сметал како унгарското правосудство не смее да одлучува и суди за нешто што се случувало во Македонија. Судијката смета дека не може да одобри ектрадиција на лице кое добило азил и да дозволи тоа да биде вратено во земјата на чии услови било одобрено барањето за азил.
Инаку судењето беше зад затворени врати затоа што станувало збор за таков вид на постапка во граѓански судови кои одлучуваат за екстрадиција.
Ова е второ барање на македонските власти за екстрадиција на Груевски, овојпат е по обвинението за организација на настаните од 27-ми април. Првото барање беше за екстрадиција за двегодишната затворска казна за случајот на СЈО Тенк. Но Груевски доби азил откако Будимпешта го прифати неговото барање поткрепено со тврдења за политички прогон.
Груевски избега на 10-ти ноември лани преку Албанија. По 6-месечно отсуство и без пратеничка плата, откако почнаа процедурите за одземање на мандатот тој прво преку фејсбук, а потоа и писмено до Собранието се откажа од мандатот, како што тврдеше за да нема притисоци врз неговите сопратијци на кои им е почесен претседател.
Властите досега не соопштија дали открија како Груевски избега, а не кажува ниту тој. Заев пред две недели тврдеше дека наводно Груевски избегал скриен во гепек на кола, но бегалецот негираше. Надлежниот министер Оливер Спасовски досега избегнуваше ада одговори дали е точна верзијата на премиерот Заев, а и денеска замина од задната врата на Клубот на пратеници каде се одржуваат настани поврзани со парадата на гордоста на ЛГБТ заедницата. Груевски во Македонија не доби лисици на рацете, но утрово по снимките од Будимпешта изгледаше дека под сакото рацете не му се слободни.
Миомир Серафиновиќ